Аргентина ја елиминираше Франција и ќе сe бори за титулата на Светското

Аргентина ќе игра финале СП во кошарка по трет пат во својата историја! Луис Скола и неговите соиграчи ја совладаа Франција со 80:66 (21:18, 18:14; 21:16, 20:18) во второто полуфинале на СП 2019 во Кина и заслужено обезбедија место во спорот за титулата со Шпанија.

„Гаучосите“ се пласираа во финалето по 17-годишна пауза – во 2002 година загубија од Југославија во прилично контроверзен меч, а пред тоа имаа уште едно учество на последниот натпревар, кој заврши со триумф во далечната 1950 година, при првото издание на Светското првенство.

Луис Скола беше неверојатен и постигна 28 поени за 34 минути, додавајќи 13 скока со 47% успех во шутот од игра. Габриел Дек и Лука Вилдоса имаа силно вклучување одклупата со 13 и 10 поени, соодветно, додека Факундо Кампацо забележа 12 поени, 7 скока и 6 асистенции.

Еван Фурние и Френк Нтиликина постигнаа по 16 поени за Франција, но Фурние промаши цели 11 удари од игра. Нандо Де Коло заврши со 11 поени, а Руди Гобер имаше само 3 поени, зграпчи 11 скокови и направи еден блок.