Арбнора Мехмети и Зоран Шекеров со изложба дел од „Звуците на чаршијата“


Манифестацијата „Звуци на чаршијата“ годинава по 13. пат ќе се одржува од 16 до 18 септември. Со цел да ја заживее старата скопска чаршија три дена ќе се одржат низа настани од различни жанрови како концерти, перформанси, фолклорни настапи, поезија, презентација на занаети и ликовна колонија.
Манифестацијата се отвора во понеделник во 14 часот на плоштадот Скендербег со настанот „Старата скопска чаршија во делата од литературните творци“. Во 17 часот на истата локација ќе настапат културно-уметничките друштва „Илирида“, „Студио фолклор“, „Јени Јол“ од Скопје и „Шамикуќет“ од Урошевац. Еден час подоцна на Камениот мост ќе биде поставена изложба на фотографии на чаршијата, дела на Арбнора Мехмети и Зоран Шекеров. На плоштадот Скендербеб вечерта од 19 часот ќе настапи „Емин Салихи бенд“ во состав: Хана Палоши, Филонид Алиу, Доника Домазети. Напоредно со концертот во КИЦ – Скopje изложба ќе има „З.У.К. Силиндарт“, а во 20 часот на плоштадот Скендербег со солистички изведба ќе се претстави гитаристот Артан Кастрати. Во 20 часот на истото место е балетската изведба на претставата „Сон“, а во 21, 20 часот ќе насрапи „Кода бенд“. Во 21 часот во паркот на Скопското кале ќе се одржи кино под отворено небо со проекција на филмот „Враќање“ на Кастриот Абдули.
Вториот ден во 20 часот на платото пред Универзитет на Југоисточна Европа во програмата се проектот „Деструкција ритам“ на уметникот Исмет Рамиќевиќ и музика од Сеад Сецко Хаџиќ. Во 21 часот ќе се одржи концерт на Камениот мост, плоштад Филип Втори, на диџеј Електрон, Тамара Тодевска, Ил Лимани, Дафина Зечири, Сафи и диџеј Гик, и Луми Би и диџеј Флоу. Третиот ден, 18 септември, на истото место во 21 часот е концертот на диџеј Пити, Канита Сума, Линдон Бериша и Елвана Џата.
– Фестивалот е првиот чекор што град Скопје го направи во 2006 година како иницијатива за заживување на чаршијата. Изменетото работно време и забраната за движење на возила по улиците на чаршијата, пак, придонесоа таа да стане најфереквентното место во градот во кое доаѓаат да се забавуваат граѓани од сите националности – вели директорката на Културно информативниот центар, Сермине Пурини.
Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.
– Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата – велат организаторите.