Арбен Таравари избран за В.Д. претседател на Алијансата за Албанците


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари е избран за привремен В.Д. претседател на Алијансата за Албанците на денешното централно претседателство на партијата кое се одржува во Скопје.

Зијадин Села поднесе оставка по лошите изборни резултати во Тетово.

Инаку, пред почетокот на партиското Централното собрание, Зијадин Села изјави дека неговото повлекување од лидерската позиција во партијата не значи и повлекување од политиката.

Села посочи оти очекува од новиот партиски лидер да продолжи да ја гради Алијанса за Албанците, а партијата да излезе посплотена, посилна и поприсутна на терен.

Новиот в.д претседател на Алијанса за Албанците Арбен Таравари денеска по Централното собрание на партијата изјави дека е донесена одлука на 17 декември оваа година да се одржи вонреден конгрес на партијата.

-Денеска имавме второ собрание на Алијанса за Албанците, каде што се констатираше неотповикливата оставка на Зијадин Села. Повеќето членови на конгресот ми дадоа поддршка на Централното собрание. Донесовме долука на 17 декември оваа година да се одржи вонредниот конгрес на партијата, рече Таравари.

Тој се надева дека Алијанса за Албанците ќе продолжи да биде надеж за повеќето Албанци во државата, за да ги донесат промените во албанскиот блок.

На прашање дали ќе поднесе кандидатура за претседател на партијата, Таравари одговори дека се уште не донел дефинитивна одлука, а сега ќе биде само вршител на должноста. Тој посочи оти кандидатури можат да поднесат сите заинтересирани членови на партијата, две недели до одржување на вонредниот конгрес.

На денешното Централното собрание, покрај изборот на нов в.д. претседател на Алијансата за Албанците, се очекува да се расправа и за оставката на пратеничката Иљире Даути од функцијата координатор на пратеничката група на АА во Собранието.

На локалните избори во 2017 година Таравари стана градоначалник на Општина Гостивар, победувајќи го својот противкандидат од редовите на ДУИ, Невзат Бејта со што станува единствен градоначалник, кој е градоначалник двапти по ред. Во 2021 година, за време на локалните избри, Арбен Таравари победи во вториот круг и стана старо нов градоначалник на Општина Гостивар. Тој ја претставуваше коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

На 1 јуни 2017 година беше назначен за министер за здравство, функција која ја вршеше до 31.10.2017 година.

Д-р Арбен Таравари е невролог со долгогодишно искуство во Универзитетската клиника за неврологија Скопје.

Роден е на 9 април 1973 година во Гостивар.