Арапските земји испратија писмо до САД против предлогот за раселување на Палестинците
Петмина арапски министри за надворешни работи и еден висок палестински функционер испратија писмо до американскиот државен секретар Марко Рубио во кое се спротивставија на плановите на претседателот Доналд Трамп кон крајот на јануари за раселување на Палестинците од Појасот Газа.
Според „Аксиос“, писмото било испратено вчера и било потпишано од министрите за надворешни работи на Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ, како и палестинскиот претседателски советник Хусеин ал Шеик, по средбата на шестмината во Каиро викендот.
На 25 јануари Трамп предложи Палестинците од Газа да се преселат во Јордан и Египет. Запрашан дали ова треба да биде долгорочно или краткорочно решение, американскиот претседател одговори: „Може да биде и едното и другото“.
Коментарите на Трамп ги повторија долгогодишните палестински стравови дека тие трајно ќе бидат искорнати од нивните домови, а предлогот беше означен од критичарите како „етничко чистење“.
Египет, Јордан и други арапски земји се спротивставија на предлогот.
Реконструкцијата на Газа мора да се случи преку директен ангажман и со учество на луѓето од Газа. Палестинците ќе живеат во нивните земји и ќе помогнат во нивната обнова, се вели во писмото.
-Не треба да им се одземе правото да дејствуваат за време на реконструкцијата, бидејќи тие мора да сносат одговорност за процесот со поддршка на меѓународната заедница, додаваат дипломатите.
За време на војната во Газа, според палестинското Министерство за здравство, биле убиени над 47.000 Палестинци. Ова доведе до обвинувања за геноцид и воени злосторства против Израел, што тој ги негира.
Во моментов, воената акција меѓу Израел и Хамас е прекината, откако беше постигнат кревок прекин на огнот.
Последното крвопролевање во деценискиот израелско-палестински конфликт започна на 7 октомври 2023 година, кога милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Во нападите загинаа околу 1.200 луѓе, а околу 250 заложници беа однесени во Појасот Газа.