„Арамко“ повторно на врвот со најголема пазарна капитализација


Саудискиот производител на нафта и гас, „Арамко“, повторно го зазеде врвот на листата на компании со најголема пазарна капитализација, откако бранот технолошки продажби на акции ја разниша позицијата на американскиот „Епл“.

Саудиската компанија се врати на првата позиција по минатогодишното владеење на „Епл“, пишува Би-Би-Си.

Инвеститорите продаваа акции на технолошки компании, свртувајќи се кон средства што ги сметаат за помалку ризични. Трендот ја намали и вредноста на биткоинот и на други големи криптовалути и дигитални средства.

Акциите на „Епл“ паднаа вчера на Њујоршката берза за над пет отсто и пазарната капитализација на компанијата се спушти на 2.370 милијарди долари.

„Арамко“ има пазарна капитализација од 2.420 милијарди долари. Акциите на саудискиот производител на нафта и плин забележаа раст поради силниот пораст на цените на овие енергенти на светските пазари.

Од почетокот на годината, акциите на „Епл“ паднаа за речиси 20 отсто.

Берзанскиот индекс на технолошките компании Nasdaq ја затвори вчерашната трговија на минус 3,2 отсто, откако официјалните податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април се задржала близу до највисокото ниво во над 40 години.

Инфлацијата е најголемата закана за закрепнување на глобалната економија, по крајот на пандемијата од Ковид-19, напоменува Би-Би-Си.

Централните банки низ светот се обидуваат да го запрат растот на цените, со покревање на клучните каматни стапки, што поттикна инвеститорите да се свртат кон помалку ризичните средства, стравувајќи дека повисоките трошоци  за задолжување ќе го запрат економскиот раст.

Јапонскиот инвестициски гигант „СофтБенк“ денеска информираше  за рекордна загуба во деловното работење на „Вижн Фунд“ од 26,2 милијарди долари, поради падот на вредноста на вложувањето во технолошки акции, вклучувајќи ги и оние на Диди и Габер. Пред година дена забележа рекордна добивка.

Напуштањето ризични вложувања ја сруши и вредноста на биткоинот под 27.000 долари. Најголемата и најпозната криптовалута во светот, изгуби околу 60 отсто од вредноста, во споредба со рекордот достигнат во ноември минатата година.

Нагло ослабне и етер, дигитална валута поврзана со блокчејн мрежата Етереум, губејќи минатата недела над 40 проценти од вредноста.