Арамии краделе во бугарскиот КИЦ и околните локали, соопшти обвинителството

Во провалата нема политика, туку се работи за кражба, велат од обвинителството


Бугарскиот Културно-информативен центар (Фото: Б. Грданоски)

 

Скопското обвинителство денеска соопшти дека провалата во Бугарскиот културен центар во Скопје нема ништо поврзано со политиката, туку дека се работи за  кражби на арамии чија цел биле и Центарот и други локали во непосредна близина. Од бугарскиот Културно-информативен центар бил украден монитор за компјутер.

„Настанот се случи ноќта меѓу 15 и 16 март, кога непознати сторители со употреба на сила, освен во објектот на Културно-информативен центар на Република Бугарија, на сличен начин влегле и во уште два угостителски објекта во непосредна близина. Од угостителските објекти биле одземени пари, а од Центарот е одземен еден монитор од компјутер“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по поднесено известување од Министерството за внатрешни работи за извршена кражба во просториите на бугарскиот центар во Скопје и ги издава сите потребни насоки и наредби за откривање на сторителите.

„При увидот од СВР Скопје, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител се обезбедуваат и снимки од видео надзор. До овој момент сите индиции и докази упатуваат дека единствен мотив во конкретниот кривичен настан е противправно присвојување предмети, односно станува збор за кражба. Надлежните институции постапуваат за откривање на сторителите“, нагласува обвинителството.

За кражбата во бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје вчера првично информираа бугарските медиуми повикувајќи се на соопштение од Министерството за надворешни работи на Бугарија. Бугарското МНР беше наведено дека без разлика на мотивацијата на сторителите, делото е напад врз самата бугарска држава. За тоа македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска беше повикана на разговор во бугарското МНР.