Арачиново потрошило 474 отсто повеќе струја во октомври 2022, отколку лани


(Фото: принтскрин ТВ21)

Податоците за заштеда на електрична енергија кај општините кои имаа препорака да штедат, покажуваат дека од 81 општина, 65 општини постигнале заштеда од најмалку 15%, од кои 12 општини постигнале заштеда поголема од 50%. Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15%, од кои само три имаат поголема потрошувачка во октомври 2022 година, споредено со октомври 2021, а останатите 13 општини имаат намалена потрошувачка, но не постигнале заштеда од 15%, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Општина Арачиново потрошила дури 474 отсто повеќе струја од ланскиот октомври, Лозово за 12 отсто повеќе од ланскиот октомври, а општина Студеничани за 11 отсто.

„Во услови на тешка состојба на глобалниот пазар за енергенси, Владата донесе план за штедење со конкретни насоки за сите органи во состав на државната управа. Овие податоци за заштеда на електрична енергија, покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме беспотребно електрична енергија може да се направат големи заштеди.

Сакам да упатам апел до сите компании и до граѓаните рационално да се користи електричната енергија. Со рационално трошење на струјата ќе се овозможи намалување на сметките за струја и за граѓаните и за компаниите кои ќе станат поконкурентни.

Ние како Влада ќе продолжиме да работиме и да носиме мерки сè со цел оваа енергетска криза која ја зафати цела Европа да има најмали негативни ефекти за граѓаните, а со заеднички напори и штедење да има и најмали негативни ефекти за целата држава“, истакна тој.