Апсењето на Бојко Борисов било незаконско, одлучи судот


Бојко Борисов по излегувањето од притворот

 

Окружниот суд во Софија го прогласи апсењето на поранешниот премиер Бојко Борисов за незаконско и му наложи на Министерството за внатрешни работи да плати 300 лева (150 евра) за адвокат.

Ова го објави бугарскиот весник „Сега“, кој ја цитира пресудата. „До моментот на приведувањето на Борисов не се собрани соодветни докази или докази кои укажуваат на неговото можно соучесништво во кривичното дело изнуда“, напиша судијата.

Набргу откако стана позната судската одлука, Борисов напиша статус на Фејсбук. „Благодарност до бугарскиот суд. Нема никој над законот“. Набргу по апсењето и премиерот Кирил Петков напиша дека никој не е над законот.

Борисов, поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и советничката за јавност Севдалина Арнаудова беа приведени на 17 март поради истрага за изнуда на бизнисменот Васил Бошков. Обвинителството тогаш одби да побара траен притвор за тројцата и да поднесе обвинение. Одлуката на Окружниот суд во Софија е конечна, но МВР може да ја обжали пред Управниот суд во Софија.

„Европскиот суд за човекови права експлицитно изјави дека основаното сомневање за извршување на кривично дело претпоставува постоење на факти или информации кои би го убедиле објективниот набљудувач дека предметното лице можеби сторило кривично дело. Меѓутоа, таквите недостасуваат во папката на предметот“, напиша во своето решение судијата Николај Урумов.