Апсења во Копенхаген поради возење тротинети под дејство на алкохол и наркотици


Данската полиција уапси 28 луѓе во Копенхаген поради возење електрични тротинети под дејство на алкохол или наркотици.

Во текот на викендот 24 лица се упасени при возење тротинети во алкохолизирана состојба, а останатите четворица се приведени бидејќи биле под дејство на наркотици.

Полицијата за апсењата објавила на Твитер, бидејќи многумина се впуштаат во небезбедно возење на електрични тротинети во главниот град на Данска.

Возачите на тротинети кои возат под дејство на алкохол или наркотици мораат да платат казна од околу 250 евра.

Електричните тротинети станаа популарни во Копенхаген, бидејќи правилата во сообраќајот се прилагодени за помасовно користење на таков вид транспорт.

Електричен тротинет може да се изнајми преку апликација и да се паркира внатре во одредени зони.

Ваквиот вид на транспорт често е критикуван, бидејќи локалните жители се жалат дека голем број возачи на електрични тротинети не внимаваат и има многу повредени.

Тротинетите се популарни низ Европа, но и во градовите како Сан Франциско, Мексико Сити и Њујорк.

Во текот на минатиот месец, градоначалничката на Париз, Ана Идалго најави дека ќе воведе ред во „новонастанатата анархија“ поради големиот број електрични тротинети на улиците и повредите со кои се здобиваат луѓето при возење.