Апелите не помогнаа – коледарските огнови горат


Можеби не толку како порано, но коледарските огнови и вечерва се палеа низ Скопје и низ  Македонија. Не помогнаа апелите ни на црквата, ни на еколошките организации, ни на некои политички партии – она што значаен дел од граѓаните го смета за традиција се спроведе вечерва.

Во деновите кога воздухот во Скопје е многу загаден ваквите огнови само ќе придонесат да се зголемат ПМ честичките. Но, тешко е откажувањето од обичаите и традицијата. Некаде беа направени цели кули од дрва, некаде имаше распослано трпези, некаде се свиреше и се играше оро, некаде беше поскромно, главно се стоеше околу огнот.

Традиционално таков оган имаше пред ресторанот „Мезе бар“ во Аеродром при што од фотографијата може да се види дека огнот не беше симболичен,т.е. мал туку  ист како и секоја година. Тие што не палеа оган фрлаа петарди, а некои се задоволија со огномет.