Апелација: Земавме сѐ во предвид, прегазената студентка минала на црвено


Апелациониот суд Скопје во врска со реакциите во јавноста по повод одлуката по предметот КЖ.бр.954/18, за студентката Фросина Цековска која беше прегазена на пешачки премин кај Универзална сала во април, 2015 година, преку соопштение ја информира јавноста за околностите кои влијаеле за донесување на неговата одлука во врска со овој предмет.

-Апелациониот суд Скопје во текот на жалбената постапка, имајќи го предвид фактот дека првостепената пресуда веќе еднаш е укината советот на овој суд одлучи да се одржи расправа пред второстепениот суд, на која јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје изврши измена на описот на обвинителниот акт по што обвинетиот ја призна вината за стореното кривично дело и следуваше судот да донесе пресуда врз основа на признание на вина, се наведува во соопштението.

При определување на видот и висината на казната советот, се посочува, ги имаше во предвид сите олеснителни и отежнувачки околности на страна на обвинетиот, признанието на вина и досегашната неосудуваност на обвинетиот, како и други околности конкретно наведени во писменото образложение на одлуката, а особено околностите под кои се случила сообраќајната незгода во која согласно приложеното вештачење е утврдено дека придонес покрај обвинетиот кој го управувал возилото под дејство на алкохол од 1,13 грам промили и со брзина од 85км/час која била поголема од ограничената 60км/час за град Скопје, свој придонес има и оштетената која како пешак го минувала коловозот на запалено црвено светло за пешаци.

-Со оглед на наведеното имајќи ја во предвид и судската пракса за ваков вид кривично правни настани, советот на овој суд го осуди обвинетиот на казна затвор од 3 (три ) години, а воедно му изрече и казна забрана за управување со моторно возило од Б категорија во период од 1 (една) година, наведуваат од скопска Апелација.

Одлуката на Апелациониот суд Скопје не е правосилна и против истата може да се изјави редовен правен лек – жалба до Врховниот суд на Република Северна Македонија, стои во соопштението.

Обвинетиот за делото на второто судење беше осуден на четири години затвор, а Апелацискиот суд по разгледување на жалбата на јавен претрес му ја намали затворската казна на три години. На првото судење му беше изречена казна затвор од 6,5 години.