Апелацискиот суд ја укина пресудата од 8 години затвор за Мијалков за случајот „Трезор“ 


Фото: Б. Грданоски

 

На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков му е укината првостепената пресуда од 8 години затвор за предметот „Трезор“ во врска со набавката на опрема за следење комуникации од Велика Британија.

Година и пол по пресудата на Основниот кривичен суд, Апелацискиот суд денеска соопшти дека „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“. Со ваквата одлука, на Мијалков повторно ќе му се суди во Основниот кривичен суд.

Истрагата за предметот „Трезор“ беше отворена од поранешното СЈО во септември 2016 година.

Покрај Мијалков, во „Трезор“ првостепено беа осудени избеганиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, на 15 години затвор, шефот на кабинетот на Мијалков во УБК Тони Јакимовски, на 5 години затвор, а иста казна Основниот кривичен суд му изрече и на поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ.
 

Апелациониот суд сè уште нема одлучено за првостепената пресуда на Мијалков за предметот „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, каде што неправосилно е суден на 12 години затвор.

Од август годинава, Мијалков во затворот во Струга ја отслужува тригодишната затворска казна за „Империја“.