Апелација одлучува за пресудата за „Титаник 2“: Мијалков очекува правична одлука


Фото: Б. Грданоски

Обвинението за „Титаник 2“, што се однесува на договорено гласање во ДИК за приговорот за локалните избори во Струмица во 2013 година, е недокажано и пресудата од Основниот кривичен суд не се темели на докази, туку на еден куп претпоставки. Ова го тврдеа адвокатите на Сашо Мијалков, но и на останатите обвинети во „Титаник 2“, кои вчера пред Апелацискиот суд Скопје ја обжалуваа првостепената пресуда.

„Ако ја погледнете жалбата, во неа се бара судот да ја преиначи и да донесе ослободителна пресуда. Тоа е така затоа што сме убедени дека има доволно елементи судот со чиста совест да донесе ослободителна пресуда. Останува единствено од педагошки причини судот да ја укине пресудата за Кривичниот суд да се научи да носи пресуда врз основа на докази“, порача адвокатот на Мијалков, Миле Петровски, пред советот во Апелација.

Мијалков во случајот е осуден на три години затвор, но пресудата не е правосилна додека за неа не се произнесе и второстепениот суд. Адвокатот Петровски ја побиваше пресудата тврдејќи дека Мијалков е прогласен за виновен единствено врз основа на пет-шест неовластено прибавени разговори од кои тој е учесник во два.

Другиот адвокат на Мијалков, Дончо Наков, посочи дека е фрапантно да се дозволи воопшто да постои ваква пресуда во правосудниот систем, пресуда која е целосно препишана од обвинението. Мијалков не сакаше многу да зборува и наведе дека очекува правична одлука.

„Моите бранители ги опфатија сите аспекти. Сè што би кажал само би се повторувал. Верувам во вашиот судиски дигнитет и верувам дека ќе донесете, пред сè, правична одлука“, рече Мијалков.

Членовите на ДИК тврдеа дека со гласањето не сториле никакво кривично дело, гласале по свое убедување, а СЈО дека не изнело никакви конкретни материјални и вербални докази.

Од обвинетите, единствено во судот вчера не се појави Мендух Тачи. Ниту неговиот адвокат не сакаше усно да ја образложува жалбата, туку само посочи дека останува на тоа што го навел во писмена форма.

Исто како и Мијалков, со првостепената пресуда на Кривичен, на три години затвор се осудени и тројцата членови на ДИК во 2013 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ: Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, доби три години и два месеца, а највисока казна од четири години и шест месеци му беше изречена на Бедредин Ибраими, кој беше дел од ДИК по предлог на ДПА.