Апелација одлучува дали Мијалков ќе остане во притвор

Апелациониот суд, денеска, на јавна седница,  ќе ја разгледува жалбата на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, со која бара да му биде укинат притворот кој му беше одреден по изрекувањето на пресудата за случајот „Титаник 2“.
Притворот на Мијалков на 8 март му го одреди Кривичниот суд по барање на Специјалното јавно обвинителство. Тој, истиот ден беше осуден на казна затвор од три години, на која има право, исто така, да се жали на Апелација. За истиот случај казна затвор од 3 години и два месеца доби и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, беше осуден на казна затвор од 4 години и 6 месеци.
Поранешните членови на ДИК, Сашо Срцев, Влатко Сајкоски и Анета Стефановска, добија казни од 3 години за незаконското поништување на гласањето на локалните избори во Струмица во 2013 година поради политичко влијание.