Апел за спас на книжарството во земјава


Фото: Б. Грданоски

Конзорциумот на издавачките куќи, книжарниците и печатниците започнуваат акција за сочувување, заживување и осовременување на постоечките малубројни книжарници и отворање нови книжарници, а за тоа бараат и поддршка од државата. 

-Со овој јавен апел до Министерството за култура и Владата сакаме да укажеме дека економската криза и условите на пандемијата мошне сериозно ги погодија издавачките куќи, печатниците и книжарниците во земјава. Притоа, посебно беа погодени и се уште се наоѓаат во незавидна ситуација книжарниците кои во голем број се затворија, а тие што останаа одвај опстојуваат и се наоѓаат во ситуација пред целосно затворање, неработење и исчезнување. Затоа, бараме Министерството за култура и Владата посебно да се погрижи за книжарниците и книжарите, зашто книжарството кај нас со години беше во криза, преживуваше и не се развиваше и напредуваше (со ретки исклучоци кога материјалната поддршка беше добиена од државни извори), па сега книжарниците се наоѓаат во катастрофална положба, пред колапс и трајно бришење од регистарот на трговски фирми и мапата на стопански субјекти, се вели во денешното соопштение од Конзорциумот на издавачките куќи, книжарниците и печатниците. 

Недозволиво е, велат,  во голем број градови да нема ниту една книжарница, или да има само една, а најмногу две, но и тие не продаваат книги и други изданија, туку само училишен прибор, канцелариски материјали и други најразлични ситници меѓу кои најчесто играчки, па дури и тоалетна хартија. 

-Враќањето на дигнитетот на книжарството и тоа на ниво на целава држава, а не само во главниот град и поголемите градови во Републикава, истовремено е спас и враќање и на книгата и читањето кај нас. Затоа, предлагаме директна државна материјална помош и долгорочни стимулативни законски мерки за сите книжарници во Републикава, со што ќе се зачуваат, спасат и обноват постоечките, а ќе се отворат и нови книжарски места таму каде што воопшто ги нема, нагласуваат од Конзорциумот на издавачките куќи, книжарниците и печатниците.  

Со книжарниците, велат, се затвора кругот автор-издавач-печатар-читател. Во спротивно, попусто е да се објавуваат книги ако нема каде да се изложат, продаваат, промовираат и да стигнат до рацете на читателите. 

Веруваат дека Министерството за култура и Владата мошне сериозно ќе го сфати овој апел пред донесувањето на новиот сет економски мерки во услови на корона-кризата и безрезервно ќе им помогне на книжарниците, издавачките куќи и печатниците кои неразделно се поврзани и се наоѓаат во тешка, макотрпна и безизлезна економска ситуација.