Апел на српски јавни личности за прифаќање на предлогот на ЕУ за Србија и Косово

Овој предлог е можност што не треба да ја пропуштиме, посочуваат потписниците на Апелот, бидејќи нема гаранции дека ќе има подобри понуди


 

Руската агресија против Украина ги забрза геостратешките поместувања и, во таа смисла, неминовно го доведе косовското прашање на преден план. Предлогот што ЕУ и САД им го понудија на Србија и на Косово со цел консолидирање на состојбите на Балканот е резултат на овие нови околности и потребата за стабилизирање на регионот и дефинитивно фокусирање на евроатлантските интеграции, пишува во Апелот на повеќе истакнати јавни српски јавни личности да го прифатат предлогот на ЕУ за Србија и Косово.

Како што се додава, ова е и можност Србија за првпат суштински да се приклони на таа опција.

Интересно е што огромниот дел од овие потписници се големи критичари на Александар Вучиќ и неговото владеење, а во исто време наоѓаат разбирање за ситуацијата којашто ја претстави српскиот претседател доколку се одбие овој план.

„Србија е декларативно посветена на членството во ЕУ и, соодветно, се обврза на вредностите на кои почива таа организација. Секоја одговорна земја ги зема предвид меѓународните околности и е должна да направи избор што би овозможил нејзин напредок во сите погледи. Стотици илјади српски граѓани секојдневно заминуваа или одат на Запад, тие веќе го направија тој избор“, пишува во Апелот.

Бескрајните дискусии за тоа дали Косово е составен дел на Србија и неодговорната политика на Белград, се додава, која постои од деведесеттите години на минатиот век, се надминати од реалноста.

„Немаше јасно дистанцирање од таа политика бидејќи сè уште се очекуваат случувања што ќе ги овозможат српските аспирации во регионот. Ова, освен што ги расипува односите со соседите, ѝ штети и на Србија, која со ваквата политика на ‘обединување’ на втор план ги стави модернизацијата, демократизацијата и благосостојбата на граѓаните“, се наведува во Апелот.

Се напоменува дека „враќањето на Косово во државната рамка на Србија не само што е илузија, туку е и невозможно без нова војна која уште еднаш неизмерно би ја уназадила Србија“.

„Србија конечно мора да се соочи и да ги прифати последиците од сопствената политика, бидејќи без тоа немаат перспектива ниту Србите, ниту Албанците во Косово. Француско-германскиот предлог прифатен од целата ЕУ – вклучувајќи ги и петте членки кои не го признаа Косово – поддржан од САД – дава добра основа за цивилизиран и договорен чекор напред. Во интерес на Србија е да ги прифати Косово и Албанците како рамноправни партнери“, стои во Апелот.

Предлогот почива на премисите кои го иницираат процесот и отвораат перспектива и за Србија и за Косово.

„Со тоа би се релаксирале односите, би се решило прашањето за безбедноста на Србите на Косово и би се заштитило нивниот имот, како и нивното културно и верско наследство. Предлогот ја отвора и перспективата за економски развој, бидејќи само добрата регионална димензија ја позиционира Србија како меѓународен субјект. Имплементацијата на договорот би ја гарантирала ЕУ, а членството во Унијата практично би ги укинало границите и би овозможило слобода на движење и соработка“, се наведува во Апелот.

Овој предлог е можност што не треба да ја пропуштиме, посочуваат потписниците, бидејќи нема гаранции дека ќе има подобри понуди.

„Историските околности ја диктираат одговорноста на сите елити – политичка, академска, медиумска и верска – да го поддржат предлогот што на крајот ќе ја одреди државата Србија како модерна европска држава. Ние, потписниците на овој апел, ги повикуваме претставниците на властите, надлежните институции, политичките актери и граѓаните да го поддржат предлогот на Европската унија и САД, кој го иницираа Франција и Германија“, се заклучува во Апелот.

Меѓу потписниците на Апелот за прифаќање на предлогот на ЕУ за Србија и Косово се Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот одбор, новинарот Бошко Јакшиќ, писателот Филип Давид, професорот Раде Велјановски, социологот Весна Пешиќ, професорот Жарко Кораќ, писателот Светислав Басара…