Апел да не се фрла органски отпад на јавни површини


Во пресрет на верскиот празник Курбан Бајрам граѓаните да бидат внимателни и да го одлагаат отпадот од животинско потекло во посебни садови од пет метри кубни што ќе бидат поставени на неколку локации во Скопје. Целта е да не се загадува животната средина, да се спречи ширење непријатна миризба и евентуални зарази. 

Ова денеска го соопштија директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје Абдусамед Шабани и градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу пред Мурат-пашината џамија во Старата скопска чаршија.

– Од вчера почнавме поголема акција за миење на верските храмови се со цел да ја подигнеме јавната свест на граѓаните дека чистотата не зависи само од „Комунална хигиена“, туку од сите граѓаните кои живеат во овој град, изјави Шабани.

Садови од пет метри кубни ќе бидат поставени во општините Чаир, Шуто Оризари, Бутел, Гази Баба и Сарај.

Градоначалникот Ганиу информира дека граѓаните ќе бидат информирани за точните локации каде ќе бидат поставени садовите преку верските објекти и поглаварите, преку веб-страниците на „Комунална хигиена“ и на Општина Чаир.