„Апчиха!“ – нов мурал на Бенкси во Бристол


Англија– Бенкси потврди дека стои зад новото уметничко дело на кое се гледа стара жена како силно кива додека нејзините протези излетуваат од уста.

Муралот, кој анонимниот уличен уметник го нарече „Апчиха!!!“, се појави на ѕидот од куќа во Тотердаун, предградие на британскиот град Бристол. Бенкси заслугата за делото ја презеде преку својата официјална веб-страница и профил на Инстаграм.

Многу од почетниите мурали на Бенкси се појавија во Бристол, што наведува многумина да веруваат дека анонимниот уметник потекнува од овој град.

Но, ова е само најновото дело откриено од Бенкси за време на пандемијата. Во април, тој објави фотографии на Инстаграм на кои се гледаат илустрирани стаорци расфрлани околу неговата бања. Со пораката „Мојата сопруга мрази кога работам од дома“ укажа на оние кои го прилагодуваат својот животен стил поради Ковид-19.

Следниот месец, тој ги почести здравствените работници со графит насловен „Промена на играта“, на која се гледа дете кое игра со  кукла налик на медицинска сестра, облечена во маска и наметка.

Во јули, пак, уметникот објави видео на Инстаграм на кое се гледа како со спреј црта графит на стаорец на воз во подземната железница во Лондон, додека ги повикува луѓето да носат маски за лице. Подоцна беше отстранет од транспортните власти за кршење на нивната „строга политика против графити“.