Апасиев: Русија е подемократска земја од Македонија


 

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, оценувајќи ја војната во Украина и неговата средба на почетокот на инвазијата со рускиот амбасадор, изјави дека Русија е подемократска земја од Македонија.

Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, одговарајќи на прашањето на уредникот Гоце Михајлоски околу нивното соопштение по средбата со амбасадорот Баздникин и квалификацициите за „денацификација на Украина“ и дали сѐ уште остануваат на нивните квалификативи, Апасиев одговори:

„Јас сум бил во Русија на научни собири на универзитетот Ломоносов и во Санкт Петербург. Можам да кажам дека Русија е подемократска од нас“.

Според него, сѐ досега руската интервенција била онаква каква што ја нарекува Москва – „специјална воена операција“ – бидејќи биле ангажирани „само 200.000 руски војници“, но сега со мобилизацијата на руските граѓани таа преминува во нова фаза.

Апасиев соопшти и какво ќе биде прашањето за референдумот што ќе го предложи Левица. Тоа ќе биде: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ согласно собраниските заклучоци“ и, според него, претседателот на Собранието, Талат Џафери, не ќе може да го отфрли.

На прашањето на Михајлоски, како ќе преговараме ако се отфрли францускиот предлог Апасиев одговори кусо:

„Така, шарено, убаво. Го отфрламе и чекаме нова преговарачка рамка. Не ни мора да имаме договор со Бугарија. Тоа е измислица на Бојан Маричиќ“.