Апасиев обвини дека Никола Димитров бил врбуван од структурите на ЦИА


„Моите односи со дотичниот се срдечно одвратни“, изјави Димитар Апасиев за Никола Димитров

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, попладнево на седницата на Собранието за интерпелацијата на вицепремиерот за европски прашања, изјави дека Никола Димитров „веројатно бил врбуван од структурите на ЦИА кога беше амбасадор во САД“ без да понуди било каков доказ освен што прочита една реченица од мемоарите на генералот Панде Петровски. 

„Моите односи со дотичниот се срдечно одвратни. Ние ги презираме измамниците“, рече на почетокот од своето излагање Апасиев, кој својата дискусија рече дека ќе ја подели на два дела – првиот кога тој бил „вмровско дете“, а вториот кога бил „реформиран вмровец“. Тој рече дека Димитров станал советник кај претседателот Борис Трајковски „веројатно затоа што имал флуентен англиски“, а потоа кога станува амбасадор во САД „веројатно бил врбуван од структурите на ЦИА“, па под нивен притисок станал амбасадор во Хаг и преговарач за името. Па цитирајќи документ од „Викиликс“ од 2008 година тој тврдеше дека Димитров ги „отчукувал“ Никола Груевски и Бранко Црвенковски кај Американците. Апасиев уште го спомена и случајот со ќерката на Димитров која доби стипендија за студирање во странство.

Очигледно беше дека оваа дискусија малку го измести Никола Димитров, кој рече дека Димитар Апасиев станува „политичар-обвинител или политичар-инквизитор. Политичар од Средновековието“. Потоа тој изјави дека „за нашата Македонија многу Македонци оделе во затвор. И јас сум подготвен да ја платам таа цена за македонската кауза. Некои оделе, а некои ги пикале во затвор“. Во емотивниот дел од репликата тој го бранеше правото на својата ќерка да конкурира како секој македонски граѓанин за стипендирање на еден од 100-те најдобри универзитети во светот. 

По дискусиите на наредните пратеници атмосферата се вжешти па потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој ја водеше седницата, ја прекина расправата и даде еден час пауза. (Н.В.)