Има мнозинство за да се турне кабинетот на Заев, но изгледа не и за нова влада


Христијан Мицкоски изјави дека прво ја чекаат оставката на Заев, а Апасиев најавува уште поголемо парламентарно мнозинство, избори во март

 

Откако објави политичка бомба дека е формирано ново парламентарно мнозинство, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва изјави дека тие очекуваат Зоран Заев да ја поднесе оставката од премиерската функција, а доколку не го направи тоа, ќе биде изгласана недоверба на владата.

Според изјавата на Христијан Мицкоски и на другите актери на состанокот во Собранието новото мнозинство има една главна цел – да ја турне владата на Заев, а дури потоа ќе се разгледуваат следните чекори

Очигледно ситуацијата  е со многу непознати. Мицкоски рече дека ќе почекаат до понеделник, бидејќи службите во Собранието не работеле за време на викендот. Според него, двете опции се во игра – Заев да ја поднесе оставката и да има брзи предвремени парламентарни избори.

Тој додаде дека за сѐ друго ќе разговараат и ќе одлучат.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев и генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вечерва во изјава за ТВ Клан потврдија дека има ново парламентарно мнозинство, откако претходно тоа на Фејсбук го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Да, има ново мнозинство. Тоа е официјално. Имаме 61, со тенденција до 64“, рече Апасиев одговарајќи потврдно на прашањето дали новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица.

„Ново мнозинство, 61“, рече Таравари исто така на новинарско прашање.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, рече дека денеска всушност имало иницијатива за собирање на потписи за интерпелација на Владата.

„Ние како опозициска партија и коалиција нормално е дека се потпишавме на тоа, и денеска при крајот на денот, сите заедно, ние што ги претставуваме тие партии, седнавме и направивме една фотографија за да докажеме дека тие потписи се собрани. Сега за сега тоа е единствената вест, како ќе тече понатаму процесот, ќе видиме очекуваме да видиме како ќе реагираат и другите пратеници“, истакна Гаши.

Според него, не станало збор за формирање Влада туку, како што појасни, ова е прв процес за изгласување недоверба на Владата.

„Процесот се одвива заради интерпелација на Владата. Ако се изгласа недоверба тогаш почнуваат други рокови и тогаш почнува процесот за тоа кој ќе биде мандатар, каква влада ќе се состави. Тогаш ќе седнеме пак и ќе разговараме, но  битно е да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроатлантските процеси и интеграции. Мора нашата држава да застане, да опстане како членка на НАТО, да  ги забрзаме европските интеграции. Ако некоја партија го условува тоа, ние нема да бидеме дел од таква влада“, рече Гаши.

Според „Прес 24“ предвремени парламентарни избори ќе се одржат во март, што значи дека во најкраток рок ќе се премине кон формирање на пржинска влада со технички премиер. Оваа влада има мандат од 100 дена пред одржување на изборите. Тука ќе стапи на сцена ДУИ која инсистира да ѝ се исполни ветувањето за Албанец технички премиер. 

Инаку, и од ВМРО-ДПМНЕ навестиле дека имаат мнозинство за изгласување недоверба, но дали во идната влада ќе влезат Левица и Беса ќе зависи од нивните ставови за НАТО и ЕУ. 

Прв со реакција се јави Павле Богоевски, активист и поранешен пратеник.Тој кратко прокоментира дека „борбата продолжува“

„Пак ќе ве бутнеме, (не)драги националистчиња. Борбата продолжува, друштво!“, стои во објавата.

Министерот Крешник Бектеши во Топ тема на Телма, запрашан кој ќе биде одговорот на ДУИ рече дека интерес на партијата е да има нови парламентарни избори бидејќи ќе освојат 18 места, но остави простор да се види како ќе се одвиваат настаните наредните денови. 

Иако веста за новото мнозинство Бектеши ја дозна во текот на емисијата, не изгледаше изненаден.  

„Не сум добил никаква информација, но сликата изгледа убаво, особено со претставникот од Левица, а зборуваме за европските интеграции“, беше првиот коментар на министерот.

Потписите со 61 пратеник  ќе бидат доставени во Собранието првиот работен ден, по што ќе се гласа недоверба на Владата. Мицкоски рече дека ќе ја чекаат оставката на Заев, а ако тоа не се случи, ќе покренат процедура за изгласување недоверба на Владата. Според најавата на Мицкоски, ќе се обидат да формираат влада, а ако не успејат, втората опција е да одат на брзи парламентарни избори. Бидејќи имаат 61 пратеник, очигледно проблем е што дел од таа бројка се пратениците на Левица чија програма никој не сака да ја прифати, па им требаат и други пратеници.

Технички, откако ќе бидат доставени потписите, во рок од три дена треба да се одржи седница на која, доколку има парламентарно мнозинство, ќе биде изгласана недоверба на Владата. Со изгласувањето недоверба, паѓа цела Влада, а потоа започнуваат да  течат роковите каде што главната улога ја има претседателот на државата Стево Пендаровски. (Н.В.)