Апасиев контра Мицкоски: Курбан отиде цела Западна Македонија
Дури 66 проценти од скопјани не излегоа на гласање, тоа е многу неинтелигетно решение, рече лидерот на Левица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, се обрати на прес-конференција со жестоки критики кон двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и кон коалицијата ВРЕДИ.
„По којзнае кој пат балистичко-врховистичката коалиција потфрли и ВРЕДИ ги зафркна ДПМНЕ насекаде каде што очекуваа нивни гласови. За возврат на кусогледоста на Мицкоски, курбан отиде Западна Македонија. Патриоти, продолжете да си го гласате Мицкоски,“ изјави Апасиев.
Тој нагласи дека Амар освоил плус 30.500 гласа во вториот круг, што значи 100 отсто зголемување во однос на првиот круг. Според него, тоа значи дека опозициските тенденции веќе се престројуваат зад Левица.
– Ако треба да опишам со еден збор како помина вториот круг, тоа е – ВМРО стагнира, Левица дуплира. Од втора партија на ниво на Скопје, вечерва обзнанувам дека сме прва партија, дури и пред ВМРО-ДПМНЕ во Центар, во Карпош и во урбаниот дел од Аеродром. Дури 66 проценти не излегоа на гласање, тоа е многу неинтелигетно решение. Две третини од скопјани не гласаа, една третина гласаа. Од тие една третина една петина одлучија за сите нас.
Тој упати порака и до своите членови и симпатизери, нагласувајќи дека Левица водела кампања со скромни ресурси, но со, како што рече, „огромен ентузијазам“.
„Зарем мислевте дека со 16.000 евра на Фејсбук можевме да победиме ламја која вцица милијарда евра во овие избори? Тие ги имаа милијардите, а ние им се спротивставивме само со едно блендирано комбе,“ истакна Апасиев, додавајќи дека партијата успеала да покаже дека вистинската опозиција постои надвор од традиционалниот политички естаблишмент.
Апасиев најави дека Левица ќе бара измени на Изборниот законик и поголема застапеност во Државната изборна комисија (ДИК).
„Ќе имате пекол во Собранието ако не го измените Изборниот законик и ако не ни дадете член во ДИК,“ порача тој. Притоа, го пофали кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, кого го нарече „новото лице на Левица“ и „специјалец што достоинствено ја претставил партијата“.
Мециновиќ, пак, се обрати на прес-конференција по завршувањето на вториот круг од локалните избори упатувајќи благодарност до сите граѓани кои му дале поддршка.
„Мое почитувано Скопје, во изминатите два месеци постигнавме нешто што не можевме ни да замислиме пред два месеци. Во овие 60.000 луѓе го имаме огледалото за иднината на Скопје. Скопје се разбуди и Скопје одлучи дека може да се гласа и да се избере поинаку,“ изјави Мециновиќ.
Тој се заблагодари на сите активисти и волонтери кои, како што рече, „секојдневно биле на терен и го носеле духот на промената“.
„Неизмерно сум благодарен на сите наши активисти кои во изминатите два месеци беа на улиците, агитираа кај своите сограѓани и помагаа во нашата кампања. Овој резултат е нивна победа,“ додаде тој.