Апасиев ќе бара државна банка што ќе дава кредити без камати на граѓаните


Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, најави дека партијата во најскоро време ќе предложи мерки за реформа на банкарскиот сектор, по случувањата со Еуростандард банка.

На социјалните мрежи Апсиев пишува дека „подмолната игра околу пропаста на Еуростандард банка и тргувањето со инсајдерски информации од страна на гувернерката и Министерката за финансии ќе биде тригер за иницирање голема реформа на банкарскиот сектор“, преку она што тие го нарекуваат антилихварско законодавство.

„Овие мерки ќе бидат предложени во најскоро време од страна на пратениците на Левица, со цел ослободување на народот од должничкото ропство спрема алчните банкари“, пишува Апасиев.

Меѓу мерките кои ги предлага Левица се воведување на државна комерцијална банка за бескаматно кредитирање на населението, а преку која вработените во јавниот сектор ќе ги примаат своите плати. Понатаму, зауздување на банкарскиот сектор, преку намалување на вишокот на ликвидност на банките и ограничување на екстра профитите и бонусите на банкарите.

Левица ќе предложи и ограничување на банкарските провизии, воведување на максимални каматни стапки, како и намалување на казнените камати.

Апасиев вели дека од следната недела ќе се консултира со еминентни професори од економските факултети ширум Македонија за да стават крај на оваа правна несигурност која илјадници сограѓани, преку ноќ, ги доведува на раб на нервен слом и им ги уништува животите, а ниту еден банкар досега не одговарал кривично за она што го предизвикал.