Апасиев застана зад Кремљ и ја нападна Македонија на средбата со рускиот амбасадор

Според лидерот на Левица, постапките на македонската дипломатија биле „нецивилизирани антируски чекори“, а инвазијата на Украина била „специјална воена операција“


Од средбата на Димитар Апасиев, Борислав Крмов и Сергеј Баздникин

 

Двајцата пратеници на Левица денеска на средбата со рускиот амбасадор ја оквалификуваа инвазијата на Украина како „специјална воена операција“ – истиот речник што за војната го употребува Кремљ.

Во соопштението на партијата за средбата на Димитар Апасиев и Борислав Крмов со амбасадорот Сергеј Баздникин се вели дека тие во разговорот ставиле  „акцент на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија“. Средбата се одржала во македонското Собрание. 

Со ова Левица целосно ја презеде официјалната руска реторика околу војната во Украина и ја осуди Македонија за тоа што се придружила на Европската унија во санкциите кон Русија. Во соопштението се нагласува дека изјавите на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, биле „русофобски, провокаторски и непријателски“, кои не придонесувале за „развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ“.

Апасиев, се додава во соопштението, се оградил од постапките на македонската дипломатија и ги нарекол „нецивилизирани антируски чекори кои воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани“.

Од санкциите против Москва, заклучиле пратениците и амбасадорот најголеми губитници ќе биле македонските земјоделци, „а потенцирана беше и заканата од загрозување на досегашниот постоечки безвизен режим меѓу Москва и Скопје, што ќе го отежне патувањето и транспортот меѓу државите“.