Апасиев бара оставка од Тошковски, во негово време била обновена лиценцата за дискотеката


 

За лидерот на Левица, Димитар Апасиев, смената на полициските командири е само покритие за трагедијата во Кочани и тој бара министерот Панче Тошковски да поднесе оставка бидејќи додека тој го раководи МВР била обновена лиценцата на дискотеката.

Според Апасиев, МВР има законска надлежност во одобрувањето на угостителски објекти, како и дополнителни ингеренции за контрола на нивното работење, што значи дека е одговорно за пропустите кои довеле до трагичниот настан.

„Согласно член 21, став 1, алинеја 4 од Законот за угостителска дејност, Министерството за внатрешни работи издава СОГЛАСНОСТ дека објектот ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, вклучително и паркинг-просторот. Но, освен оваа изрична законска надлежност, министерот Тошковски и неговото Министерство имаат и дополнителни ингеренции во однос на контролата на угостителските објекти“, вели Апасиев во објавата на Фејсбук.

Тој набројува редица обврски на МВР кои, според него, не биле исполнети.

Според Апасиев, министерот Тошковски не може да се огради од одговорноста бидејќи токму за време на неговиот мандат била обновена лиценцата на дискотеката.

„Министерот за внатрешни работи е во јавноста познат како ‘адвокат на урбаната мафија’. И да не сте директно виновни, вие сте политички и правно одговорни, бидејќи токму во март 2024 година, во време кога вие сте министер, беше обновена фалсификуваната лиценца на овој објект. Затоа, смената на командирите и началниците на СВР и ОВР не е доволна. Тоа е жртвување пион за кралица! Потребно е да покажете доблест и да поднесете оставка од морални причини“, изјави Апасиев.