АП: Европа не ја научи лекцијата за корона вирусот


 

Вториот бран на епидемијата од корона вирус почна во Европа и тоа пред почетокот на сезоната на грип.

Единиците за интензивна нега се полни, се затвораат кафулиња, а за да биде уште полошо, надлежните предупредуваат на се пораспространетиот „замор од Ковид-19“, пишува Асошиејтед прес.

Рекордно високите бројки на заразени во неколку источноевропски земји и наглите скокови во тешко погодениот западен дел, јасно покажувааѕ дека Европа никогаш не ја смири кривата на Ковид-19 како што се надеваше, по пролетните рестриктивни мерки.

Шпанија прогласи вонредна состојба во регионот на Мадрид што доведе до тензија меѓу локалните и националните власти околу мерките за сузбивање на вирусот.

Германија ангажира војници да помогнат во следењето на контактите и предупредува дека здравствениот систем е во критична состојба додека болниците повторно се полни.

Чешка правеше журка за испраѓање на короната во јуни кога повеќе илјади жители на Прага вечераа на маса долга 500 метри на Карловиот мост, славејќи ја победата над вирусот, а сега делува жално наивно, затоа што земјата доживува највисока стапка на заразување на континетот.

Епидемиолозите и жителите го вперуваат прстот во владите дека не успеале да го искористат летното затишје на епидемијата, за адекватно да се подготват за есенскиот скок затоа што бројот на тестирањата и медицинскиот персонал се мали.

„Кога излеговме од вонредната состојба требаше да се вложи во превенција, но тоа не се направи. Влеговме во есенскиот бран, а не излеговме од летниот“, вели Маргарите дел Вал, вирусолог и имунолог во шпанскиот центар за молекуларна биологија.

Во градовите каде повторно се воведуваат нови рестиркции растат тензиите. Стотици романски угостители протестираат заради затворањето на рестораните, театрите и дискотеките.

„Бевме затоврени шест месеци, рестораните не работеа, а бројот случаи сепак порасна. Не сум стручњак, но не сум ни глупав. Не сме ние одговорни за пандемијата“, вели Мариус Сипријан, сопственик на еден паб во Букурешт.

Додека заразата се шири во многу европски земји, некои како Холандија, Белгија, Обединетото Кралство, Шпанија и Франција, дијагностицираат повеќе нови случаи дневно по глава на жител од САД.

Франција со 70 милиони жители, вчера имаше рекорден број новозаразени, речиси 27.000, а во цела Европа забелеажн е вкупен дневен рекорд од 100.000 нови случаи.

Експертите тврдат дека високата стапка на инфекција во Европа во еден дел е резултат на масовното тестирање за разлика од првиот бран, но овој тренд сепак загрижува со оглед на тоа дека сезоната на грип не е почната.

„Не ја научивме лекцијата од првиот бран. Трчаме по епидемијата, место да одиме пред неа“, вели директорот на болницата „Тенон“ во Париз, Жил Пило за телевизијата Бе-еф-ем.

Сепак, има и добри вести, велат стручњаците наведувајќи дека докторите сега знаат која терапија делува, наведува АП.

Во врвот на епидемијата во март и во април, докторите во Шпанија и во Итаилја им даваа на пациентите секаков лек за кој мислеа дека ќе делува – хидроксихлорокин, лопинавир, ритонавир, но со ограничен успех.

„Сега тие лекови речиси и да не ги користиме затоа што немаат ефект. Во таа смисла победивме затоа што сега знаеме многу повече“, вели Луис Исквиердо, помошник директор на итната помош во шпанската болница „Северо Очоа“.

Но, медицинското лечење на вирусот е само половина борба, Надлежните од областа на јавното здрајве сега се соочуваат со протести од граѓани против носење маски, со негирање на вирусот и заморот на граѓаните на кои едноставно им е доста да им се зборува да држат растојание и да се воздржуваат од прегратки со саканите.