„Ануитет“ бара банките да овозможат помошта од 6.000 денари да стигне до секој граѓанин без трошоци


Здружението на банкарски клиенти „Ануитет“ апелира до банките сите од најранливата категорија граѓани да ја добијат помошта од 6.000 денари и од овие пари да не наплаќаат други побарувања. 

Според „Ануитет“ финансиската помош не стигнала до сите граѓани. Од здружението велат дека повеќе граѓани биле засегнати од овој проблем кој настанал поради  несоодветна, како што велат, „намерна или ненамерна организација од страна на банките“ околу спроведување на четвртиот пакет помош, со кој Владата донесе еднократна мерка за финасиска помош од 6.000 ден на повеќе од 270.000 граѓани, или вкупно околу 27 милиони евра.

„И додека дел од граѓаните веќе почнаа да ги користат овие средства, на останатите им беше ускратено ова право, иако се најдоа на листата како лица кои се опфатени со мерката, велат од „Ануитет“.

Првата причина, според нив, е пренос на средствата кај граѓаните на новоотверени сметки кои поради блокада на нивните трансакциски сметки не се во можност да ги подигнат и искористат за намената за која им се доделени.

Втората причина е повлекување на тие средства од страна на банките и наплата на доспеани долгови по основ на провизии и кредитни пласмани.

„Без разлика за која причина се работи намената на овие средства е строго определена и никој нема право да ја злоупотреби, нагласуваат од ова здружение и прашуваат дали оваа мерка банките ја искористија за наплата на заостанатите камати и долгови од мораториумот.

Од „Ануитет“ апелираат банките да бидат одговорни како институции и да најдат начин секој граѓанин да ја добие еднократната помош во износ од 6.000 денари во целост без ни еден денар трошоци.