Антонио Кошта со многу пофалби за улогата на Бугарија во ЕУ

Претседателот на Европскиот совет е во тридневна посета на Бугарија. Во разговорите со Жељасков и Радев станало збор и за Македонија. Кошта: Францускиот предлог останува


Антонио Кошта и бугарскиот премиер Росен Жељасков

 

Претседателот на Европскиот совет е во невообичаено долга тридневна посета посета на Бугарија и уште првиот ден (недела, 27 април) се сретна со премиерот Росен Жељасков и претседателот Румен Радев.

Според извештајот на агенцијата БТА, некои од главните теми на разговор меѓу нив биле поврзани со местото и улогата на Бугарија во Европската унија, европската одбрана и бугарската воена индустрија, како и напредокот на Софија во исполнувањето на критериумите за пристапување во еврозоната. Се разговарало и за проширувањето на ЕУ, што значи и за Македонија.

Кошта со Жељасков разговарал и за проширувањето на Европската унија кон земјите од Западен Балкан и посебно кон Македонија. Кошта рекол дека Македонија во моментов не може да ги продолжи преговорите за пристапување бидејќи уште не ги исполнила условите од францускиот предлог, т.е. вклучувањето на Бугарите во Уставот.

„Проширувањето кон Западен Балкан, како и кон Украина и Молдавија, се најважните геополитички инвестиции што ги прави ЕУ, ова е тековен процес. Последното претседателство на Бугарија инвестираше многу енергија во овој процес“, истакна Кошта.

Кошта ќе го посети регионот за две недели – сите шест земји од Западен Балкан, каде што ќе разговара со нивните лидери за „да се продолжи со водењето на овој процес напред“. „Посветени сме на успехот на ова проширување“, додаде тој.

Во соопштението од средбата на Радев со Кошта, кабиентот на бугарскиот претседател не ја споменува директно Македонија, но во неколкуте реченици на крајот од текстот кои се однесуваат на проширувањето на ЕУ, јасно се гледа дека тие се однесуваат на нашата земја:

„Не треба да дозволиме кршењата на принципите на демократијата и човековите права да бидат прикриени зад изјавените амбиции за членство во ЕУ“, нагласил Румен Радев и истакнал дека Бугарија го поддржува проширувањето на ЕУ како гарант за безбедноста, стабилноста и просперитетот на континентот, но за овој процес „да биде одржлив и неповратен, тој треба да се базира на систематски напори на секоја земја-кандидат за афирмирање на вредностите на демократијата и Копенхашките критериуми за членство“.

Кошта со Радев разговарал за иновациите, вештачката интелигенција и високите технологии. Обајцата се согласиле дека на ЕУ ѝ е потребна стратегиска автономија. Бугарската воена индустрија може да одигра важна улога во одбранбените планови на ЕУ

„Денес, кога ЕУ се соочува со нови геополитички и економски предизвици Бугарија ќе продолжи да биде конструктивен и сигурен партнер во остварувањето на целите на Унијата. Бугарија има што да даде“, нагласи Жељасков на прес-конференцијата со Кошта.

Претседателот на Европскиот совет на прес-конференцијата со бугарскиот премиер изјави дека размениле мислења за актуелната геополитичка ситуација и клучната улога на Бугарија во ЕУ. „Имам можност да ве посетам во многу важен момент, кога Бугарија конкретизира многу важно достигнување за проширувањето на Шенген и процесот на усвојување на еврото продолжува, се надевам во наредните месеци“, рече тој.

Кошта додаде: „Сега ќе имам можност да ја истражам Бугарија, регионот Стара Загора, да разговарам со професори и студенти на Тракискиот универзитет за диверзификацијата на бугарската економија. Ќе ја посетам и фабриката ‘Арсенал’ во Казанлак“, рече тој, нагласувајќи: „Бугарската одбранбена индустрија игра многу важна улога не само за Украина, туку може да игра и одлучувачка улога за иднината на европската одбрана“.

„Приклучувањето кон еврозоната се базира на објективни критериуми. Досега, сите се импресионирани од значајниот напредок што го постигна Бугарија во исполнувањето на критериумите за евро. Ги очекуваме последните два извештаи за проценка од ЕК и ЕЦБ во јуни и се надевам дека проценката ќе биде позитивна. Ако е така, ќе можеме да донесеме позитивна одлука на Европскиот совет во јуни“, рече Кошта.

Денеска во Софија е и најстариот син на американскиот претседател, Доналд Трамп Помладиот, кој учествува на конференција за вештачка интелигенција. Тој претходно ги посети Будимпешта и Белград, каде разговараше со министерот за надворешни работи Петер Сијарто и претседателот Александар Вучиќ.