Антонија Ристовска со колекција на капути: Избор за софистицирани дами (фото)


Дизајнерката Антонија Ристовска, препознатлива по уникатните венчаници и тоалети, промовира лимитирана колекција на капути за сезоната есен/зима 2020 . Дел од моделите се инспирирани од колор блок техниката за прв пат воведена во уметноста од познатиот сликар Мондријан, а дел се во нијанси на бела и црна, како посакувани за неутрални комбинации.

-Капутот не е само парче облека кое ќе не згрее во ладните денови. Тоа е вашиот начин да комуницирате со целиот свет околу вас во првиот момент кога ќе го напуштите вашиот дом. Капут во темно сива или црна боја ве прави да изгледате мистериозно. Виолетовата боја го истакнува гламурот во вас. Кралско сината како омилена на софистицираните дами. Камел бојата пак како земјен тон ве прикажува како смирена и релаксирана личност. За сезоната есен/зима 2020 инспирацијата за колекцијата капути ја пронајдов токму во жената која внимателно го одбира секое парче облека и каква приказна сака да раскаже преку него. Создавајќи модели кои ќе си го најдат своето место во зимските денови од година во година, секој модел е изработен со внимателно комбинирање на бои и детали. Во секое парче може да се забележи фузија на класичниот гламур и модерниот минимализам. Како и секоја колекција, ателјето ги изработи сите модели со големо внимание за највисок квалитет, но во согласност со оддржлива мода – со минимален отпад, ни изјави за „Независен“ Ристовска.

За оваа колекција во лимитирана едиција посебно се изработени пониклувани и позлатени копчиња и патенти со логото на брендот, а моделите се изработени од природни материјали – фина и мека волна, кашмир, вискоза и памук – со потекло од Македонија и Италија.

Уште една новина за дизајнерката Антонија Ристовска. Од 15 октомври венчаници со потпис на Антонија Ристовска се достапни преку италијанската онлине платформа: maggiesateliers.com  во Италија и ширум светот. (Л.С.)

Фото: Богдан Глишиќ 

Модел: Ангела Ѓеоргиева