Антологија со пет компакт-диска во чест на Рајко Дујмиќ +лирик-видео за „Милена“


Во чест на големиот регионален и хрватски композитор Рајко Дујмиќ, „Croatia Records“ ја објави неговата Антологија со пет компакт-диска. Во книгичка која е дел од Антологијата се наоѓаат приватни фотографии од детството на композиторот и три песни објавени за прв пат…

Антологијата на еден од најголемите композитори во историјата на хрватската дискографија, Рајко Дујмиќ светлината на денот ја здогледа во самото финале на 2020-та, година во која тој засекогаш не напушти. Почина на 65 години, во август, по тешка сообраќајна несреќа во Србија додека беше на одмор со сопругата. Бокс-сетот содржи деведесет и една песна и е пресек на музичката биографија на овој извонреден композитор, чии песни одбележаа многу генерации и одамна важат за евергрини.

Рајко Дујмиќ Лима, како што го нарекуваа неговите пријатели, беше музичко чудо од дете, а својот прв хонорар го заработи од музика на тринаесет години. Големиот композитор поголемиот дел од својата кариера го помина во групата „Нови фосили“ во која и членуваше, но неговиот композиторски потенцијал и младешко љубопитство беа толку големи, па неговите песни ги обележаа кариерите на многу реномирани пејачи, како Јасна Злокиќ за која ја компонираше „Скитница“, Неда Украден („Врати се с кишом“),Јасмин Ставрос („Уморан сам“) и многу други…

Меѓу добро познатите хитови, тука е и дуетот на Арсена и Габи („Љубим твоје лијепе боре“), како и најновиот „Сусрет“, испеан од Иванка Боjковац и Дарко Домијан.

Во музичките анали ќе остане запишано дека заедно со Стево Цвикиќ, Рајко пред 31 година ја напиша песната „Rock me“, за тогаш непознатата група „Рива“, која до денес останува единствената група што ја донесе „Евровизија“ во Загреб во 1990 година.

Овој неверојатен бокс-сет е поделен на неколку делови. Првите два диска ги содржат песните на „Нови фосили“, другите два се хитовите на Рајко, отпеани од Јасна Злокиќ, Неда Украден, Јасмин Ставрос, „Сребрна крила“, Мишо Ковач, Оливер Драгојевиќ, „Газде“, Ѓурѓица Барловиќ, Северина, Жељко Бебек и други, додека петтото цеде содржи песни што Рајко ги пее и ги свири…

– „Јас сум камелеон: Мојот звук е изграден врз европски звук. Слушам многу музика, купувам плочи, странски материјал и сè камелеонски сублимирам во себе и за луѓето со кои работам“ – зборуваше за своето дело големиот Рајко Дујмиќ.

Фото: Лупино

Богатата книжичка од дури 48 страници содржи слики од приватните архиви на Рајко и Сњежана Дујмиќ, од неговите фотографии од детството, до разни написи во весници. Фотографијата на насловната страница на Антологијата и неколку стилизирани, кои се дел од буклетот, се потпишани од светски познатиот фотограф Лупино.

Песната „Милена“, една од култните песни на оваа Антологија, Рајко Дујмиќ ја напиша за вистинска личност – медицинска сестра од Неготино, но тој секогаш истакнуваше дека тоа е посвета за сите медицински сестри.

Во чест на големиот композитор, Рајко Дујмиќ, „Кроација рекордс“ направи лирик-видео за песната „Милена“, со снимки на здравствени работници, како уште една благодарност за целата посветеност и напори со кои се соочија во последните неколку месеци.

Еве го спотот:

https://www.youtube.com/watch?v=VEvIRfD_-vE