„Антологија на српскиот филм“ во Кинотеката до 11 мај


Со проекцијата на филмот „Маратонците го трчаат почесниот круг“ во Кинотека почна манифестацијата „Антологија на српскиот филм“.

Организатори на манифестацијата се Кинотека, Југословенската кинотека во Белград, Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Скопје и Скопје филм фестивал класик, со поддршка на Амбасадата на Република Србија во земјава.

Публиката до 11 мај 2022 година ќе може да погледне 11 наслови, продуцирани од раните 60-ти до средината на 80-тите години на минатиот век. Тоа се филмовите „Кој тоа таму пее?“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Лажливо лето ’68“, „Балкански шпион“, „Национална класа“, „Пластичен Исус“, „Кога ќе бидам мртов и бел“, „Љубовен случај или трагедијата на службеничката во ПТТ“, „Венецот на Петрија“, „Љубов и мода“ и „Давител против давителот“.

Како што информира Кинотека, директорот на Кинотека Владимир Ангелов вчера го отвори настанот поздравувајќи ги гледачите и присутните гости, амбасадорката на Република Србија Невена Јовановиќ, управникот на Архивот на Југословенска кинотека Александар Ердељановиќ, како и неговите соработници Бранислав Ердељановиќ и Дејан Ковачевиќ. Ангелов изрази задоволство што оваа манифестација се отвора со култниот филм „Маратонците го трчаат почесниот круг“, чии реплики, како што рече, се живи и денес.

Амбасадорката на Србија Јовановиќ ги потенцираше придобивките од културната дипломатија, која уште повеќе ги зближува народите и земјите кои имаат одлична соработка, изразувајќи задоволство што македонската публика ќе има можност да ужива во овие култни српски филмови.

Александар Ердељановиќ потсети на почетоците на Југословенската кинотека од нејзиното основање во 1949 година како централна Југословенска кинотека, која во 1965 година станува една од петте најбогати филмски архиви во светот според филмскиот фонд со кој располага, а кој е сочинет од над 100.000 филмови и стотици илјади филмски плакати и останата филмска граѓа.

Ердељановиќ ги запозна присутните и со активностите на Југословенската кинотека во доменот на дигитализацијата и дигиталната реставрација на филмовите. Во нивниот центар од 2009 година се дигитално реставрирани 25 филмови од кинематографиите од регионот, во кој спаѓаат 11-те наслови од „Антологија на српскиот филм“, но и три македонски наслови: „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски, „Жед“ на Димитрие Османли и „Хај-фај“ на Владимир Блажевски.

Управникот на Архивот Ердељановиќ се осврна на филмовите и нивните автори од оваа Антологија, запознавајќи ги присутните гости и гледачи со најбитните поенти.

 

„Антологија на српскиот филм“ ќе биде на програмата на Кинотеката до 11 мај.