Антикорупциска нема, М-НАВ вработува сестри и внуци


Во М-НАВ, државно претпријатие во кое се исплатуваат плати седум-осум пати повисоки од просечната, од минатата недела е вработен роднина на еден министер од актуелната влада. И таткото на нововработениот работи во М-НАВ. Синчето не успеало да влезе на првиот оглас, зашто не ги исполнувало условите, ама за него бил распишан и втор оглас. Претходното работно место му било во една од компаниите во зоната „Бунарџик“.

Бројката на нововработени со блиски релации со министри, директори и актуелни политички лица е неутврдена, затоа што, како што велат извори на „Независен весник“ од М-НАВ, „не можеш сите што работат кај нас да ги сретнеш во ходник, а никој официјално не кажува кој е вработен по огласите“. Повеќе информации нема ниту репрезентативниот синдикат.

„Систематизацијата на работни места, како акт според кој се примаат работници, се менува на дневна основа. Иако законот обврзува, Синдикатот ниеднаш не е консултиран за измените. Раководството нема проекција, нема годишен план за вработувања, туку систематизацијата се менува кога некој ќе им се јави. Како Синдикат, чекаме крах на системот, и потоа ќе го правиме од нула“, ни изјави Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролори на летање. Заедно со уште еден од помалите синдикати во М-НАВ, во април го информирале и ресорниот министер за „алармантната состојба во М-НАВ“, затоа што, како што стои во дописот: „овој менаџерски тим нема ниту капацитет ниту интерес да го спроведе она што го бараат европските инстанции од М-НАВ“. Синдикатот му укажал на министерот дека се можни катастрофи со последици по животи на луѓето што го користат воздушниот превоз.

Ама и сопругата на шефот на кабинет на тој министер влегла на еден од поновите огласи за вработување во М-НАВ. На листата на вработени синови, ќерки, браќа, сестри и внуци се наоѓаат и синот на директорот на еден од социјалните фондови, сестрата на еден од вицепремиерите, внуците на директорот на телекомуникацискиот оператор и на висок претставник на помалиот коалициски партнер, синот на пратеничка од истата партија…

„Имавме листа на вработени блиски до власта, кога беше владата на ВМРО-ДПМНЕ. Ништо не се промени, таа листа само се зголемува, сега со блиски до СДСМ. Оние што се блиски до ДУИ се вработуваа и тогаш и сега“, велат извори од М-НАВ.

Упатени во политичките комбинаторики велат дека очекувањата оти новата влада ако не го оневозможи, тогаш ќе го контролира непотизмот, во случајот со М-НАВ биле уништени со поставувањето на Николче Тасески за претседател на УО на М-НАВ. Тој е контролор на летање, но и зет за сестра на министерката Рената Дескоска.

„И потоа почнаа притисоци. Како ќе им одолеете, кога и вие сте ‘сркнале’. Плус, М-НАВ не е од обичните фирми, туку е со највисоки плати. И еве до каде се доведовме“, коментираат наши извори, кои се на два ума дали нефункционирањето на Антикорупциската комисија има или не врска со конкретниов настан. Дотолку повеќе што Министерството за правда е она што треба (и мора) да ги поттурне работите околу нејзиното формирање кога од разни причини ќе подзастанат.

А, Комисијата за спречување корупција не функционира 10 месеци.

„Факт е дека што побргу мора да се разреши таа ситуација со Комисијата. Впрочем, Македонија има преземено обврски, со потпишани конвенции, каде што е предвидено дека мора да има независно тело кое ќе се занимава со оваа проблематика. А, ние го немаме. Не е само дали сакаме, едноставно мораме да го имаме тоа тело“, вели Драган Малиновски, поранешен антикорупционер и адвокат. Тој објаснува дека со новиот закон, кој е во процедура, ќе бидат воведени построги критериуми и ќе се овозможи поголема независност на Комисијата од политиката и поголема компетентност на нејзините членови.

„Нејасно е до каде е постапката со новиот закон. А зошто не се избира Комисијата по стариот закон, веројатно одговорот е дека се очекуваше новиот закон да стапи во сила и да се оди по нови, построги критериуми“, ни изјави Малиновски.

И додека се чека новата Антикорупциска, случаите со кои потоа ќе треба да се занимава се трупаат. Малиновски вели: „нека се формира прво, па ќе притискаме да ги решава“.

А прашањето за вработувањата во М-НАВ не е проблематично само од аспект на непотизам. Посуштинското прашање е дали ваков начин на селекција обезбедува соодветен кадар во институција во која грешките се плаќаат со човечки животи.

М-НАВ: Вработувањата се согласно законските мерки

Николче Тасески, претседател на УО на М-НАВ

„Сите вработувања во М-НАВ се спроведени согласно позитивни законски мерки“, ни одговорија на прашањата од ова АД во државна сопственост, каде Владата е единствен акционер. Во прашањата, лицата беа посочени со име и презиме.

Анита Салтировска