Антикорупциска ќе проверува судир на интереси кај министерката Ангеловска


Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги провери сите наводи во случајот со министерката Нина Ангеловска и нејзиното повлекување пари од банкротираната Еуростандард банка. Предмет ќе отворат ако има индиции дека има судир на интереси со нејзината функција.

Според Антикорупциската комисија, министерката лани во септември во првиот анкетен лист пријавила 250.000 евра во Еуростандард банка, а во јануари годинава се случила промена во нејзиниот анкетен лист кога таа повлекла околу 130.000 евра за купување удели во инвестициски фонд. По пет месеци од првата промена, на 24 јуни годинава, министерката пријавила дека повлекла девизи и денари со кои купила стан. Станот е пријавен во анкетниот лист, но портпаролот на ВМРО-ДПНЕ Димче Арсовски вчера излезе со тврдење дека Ангеловска ги пријавила станот и дел од девизите дури откако тој открил во јавноста документи дека Ангеловска купила стан, а не го пријавила.

„Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во Еуростандард банка. Вистината е дека пред стапување на функцијата – министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија“, објасни Ангеловска, која ја демантираше и информацијата дека не го пријавила станот во Антикорупциска комисија.