Антикорупциска ќе покрене постапка пред Уставен суд за законот за дивоградбите


Државната комисија за спречување на корупцијата ќe поднесе иницијатива до Уставниот суд за вчера донесениот Закон за легализација на дивоградбите.

„Ако Законот за легализација на дивоградбите стапи во сила тогаш можеме да ставиме крст на сите други закони. Затоа сме на мислење да поднесеме иницијатива до Уставниот суд, па судиите нека ценат“,вели претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска во изјава за МКД.мк.

Ивановска вели дека прво ќе го анализираат текстот на Законот, но нагласува дека, според објавеното во медиумите, тој нема никаква логика.

Новиот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти што вчера го изгласа Собранието со 72 гласа „за“ , тројца „воздржани“ и петмина „против“ ќе донесе нови дивоградби и неуривање на постојните, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски.

Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.

Меѓу опфатените со оваа амнестија се новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, градителот на срушениот објект кај „Мавровка“ и градителот на дивоградбата кај Американската амбасада, за која беше објавен и прислушуван разговор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети, од кој произлезе случајот „Лидери“.

Претходно, Демократскиот сојуз побара од претседателот Пендаровски да не го потпишува законот, затоа што е спротивен на владеење на правото и го штити безаконието..