Антикорупциска ќе истражува дали Анѓушев сам си дал државна помош


Фото: Б. Грданоски

Антикорупциската комисија му порача денес на сменетиот реис Сулејман Реџепи дека никој не е над законот и дека го отфрлаат спорењето на нивната надлежност  од страна на  Исламската верска заедница, заедно со тврдењето дека со истрагата се урива нивната автономија.

Нури Бајрами од ДКСК порача дека, покрај тоа што од ноември минатата година има кривична пријава против ИВЗ за злоупотреба на сретствата на верниците, што им дава основа да го следат случајот, таа е и правен субјект, па ако можат да се испитуваат сметките и работењето на здруженијата на граѓаните, може и на ИВЗ.

-Се работи за злоупотреба на финансиски средства кои не се средства од буџетот на  Македонија. Имаше јавна реакција од ИВЗ дека ние наводно се мешаме во автономијата на оваа верска заедница, што не е точно и затоа се избра овој момент, ова да се докаже практично преку анализа на 116 докази кои беа доставени во прилог на пријавата, рече Бајрами.

Според Бајрами, ДКСК утврдила дека последните пет години ИВЗ не доставила основен извештај и годишна сметка за работењето, а тие што се надлежни да постапат, како Централниот регистар, не постапиле, поради што тие ќе покренат постапка во Владата  за утврдување одговорност на директорот и службеници на оваа институција.

Бајрами соопшти исто така дека ИВЗ изминатите години добила обврзници од 9.100.000 евра  како компензација за одземен имот, односно за над 48.000 метри квадратни земјиште и 210 метри квадратни станбен простор.

За Реџепи веќе е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство, бидејќи, според сознанија на луѓе во ИВЗ, а како што стои во пријавата, тој незаконски ги трошел парите на верниците. ДСКС од УЈП ќе се побара да достави записник за извршената финансиска контрола за работењето на ИВЗ за период од 1 јануари 2014 до 31 декември 2018 година и потоа ќе одлучи какви мерки ќе преземе.

Од ДКСК најавија исто така дека отвориле случај и за екс министерот Кочо Анѓушев кој доби сретства од пакетот за државна помош, а претходно бил дел од телото кое ги утврдувало критериумите како да се дава таа. Според претседателката Билјана Ивановска, предметот е отворен уште повеќе што Анѓушев еднаш веќе како министер учествувал во носење на одлука на Влада во интерес на негова фирма. Ќе се испитува дали тој како член на телото влијаел на критериумите за давање помош во рамките на првиот сет на економски мерки. Антикорупциска покрај тоа ќе разгледа како добиле помош компаниите што  имаат добра финансиска позиција, како „Систина“, а други со понеповолна финансиска состојба биле одбиени.Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, истакна дека комисијата ќе ги разгледа и  критериумите за доделување на финансиски сретства на граѓанските здруженија.

Околу третиот пакет на економска помош кој се совпаѓа со предизборие, Ивановска рече дека е факт дека економска помош треба да се даде, но прашањето што ќе се следи е на кого е дадена, дали тоа е направено транспарентно, дали е селективно и дали ќе има отчет. Притоа инсистирале  кај Владата списокот на тие што добиле помош да биде објавен јавно, а да се рекламираат само мерките што се спроведуваат непосредно, односно не и тие што биле дадени претходно и тие што ќе бидат дадени во иднина, за да не се свати тоа како поткуп во изборите.

Антикорупционерите се убедени исто така дека кај Блерим Беџети има кривична одговорност за дивоградбите на Матка поради што ќе бараат Советот на јавни обвинители да ја преиспита одлуката на Наташа Крстева Чалева-обвинителката која го затвори предметот, бидејќи не пронајде пропуст кај градоначалникот на општина Сарај.

Според соопштението кое пред два дена го пратија од обвинителството, кај Беџети не е најден никаков пропуст бидејќи два месеца по инспекцискиот надзор, во јуни лани , градоначалникот ги отстранил недостатоците. Во неговото постапување не се пронајдени елементи на злоупотреба на службената положба или несовесно работење во службата.

Платформите на Матка се градени на диво, без дозвола за работа, се во заштитено подрачје. Оние на кои се изнајмуваат чамци за прошетки низ езерото не се регистрирани за воден сообраќај. Досега, ненадлежни за дивоградбите на Матка се прогласија повеќе институции. Инспекцискиот совет, Министерството за животна средина, но и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, откако Министерството за транспорт и врски ги повика да излезат на терен.

Матка е III категорија, односно „заштитено подрачје управувано главно за конзервација и специфични природни карактеристики“. Од Антикорупциска упатија  апел до надлежните за побрзо носење на законот за Матка со кој ќе се дефинираат зоните, која е строго заштитена, која е за активно управување и третата- за одржлив развој.(С.Ј.)