Антикорупциска до сите функционери: без нови вработувања, исплата на вонредни плати, нови градби…

ДКСК ги известува министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата, како и јавноста дека од денот на донесување на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на владата, не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори

Од таму посочуваат дека случаи на итни и неодложни работи се вработувањата на определено време заради замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен, изведување сезонски работи за кои однапред е утврден потребниот број на лица и се обезбедени средства со годишните програми, како и вработување на определено време на наставен кадар за непречено одвивање на образовниот процес.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на пратеници и изборот на владата, велат од ДКСК, не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.

Од Антикорупциска порачуваат дека во функција на следење и контрола на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик.