Антикоруопциска комисија ќе се жали на одлуката на Управен суд за Иванов


Антикорупциската комисија ќе поднесе жалба на одлуката на Управниот суд кој пресуди во корист на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Тој ја тужеше ДКСК за прекршочната постапка што ја поведе против него поради предизборните именувања и уанпредувања во Армијата.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска ни изјави дека ќе поднесе жалба до Вишиот управен суд на пресудата на понискиот суд. Вели дека ќе ја почека одлуката по жалбата, па потоа може да се зборува за евентуални последици од пресудата на Управен суд.

Постапката против Иванов ДКСК ја покрена по сопствена иницијатива, односно по реакциите во јавноста за указите за неколку унапредувања во Армијата што експретседателот ги објави во „Службен весник“ во период кога веќе беа распишани претседателските избори. Меѓу другото, Иванов именуваше и воени претставници на земјава во седиштето на НАТО во Брисел и во Париз.

По одлуката на ДКСК, која утврди дека поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов донесените укази за поставувања во Армијата на 25 февруари 2019 година ги извршил за време на изборниот период, новиот претседател Стево Пендаровски ги поништи указите и потпиша нови. Тој потврди дел од именувањата на неговиот претходник. Сепак, остана празно местото на воен претставник во НАТО, за каде Иванов го планираше бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски. Исто така, полковник Драган Ковачки беше разрешен од командант на Првата механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во ГШ на Армијата, а полковник Сабедин Емини беше разрешен од началник на штаб во Здружената оперативна команда и поставен за командант на Правта механизирана пешадиска бригада.

Во образложението на Управниот суд, меѓу другото, се наведува дека на Иванов му било оневозможено да ги изложи своите аргументи како одбрана пред Антикорупциската комисија, а итсто така не му било доставено и нејзиното решение, туку било само објавено на веб-страницата на Комисијата. (A.M.M.)