Антиката ќе почека нова грчка комисија


Промената на власта во Грција ги запре преговорите во Комисијата за учебници. Иако од грчката страна стигнаа информации оти голем дел од отворените прашања биле решени во нивна полза, фактите на терен говорат дека во моментов има целосен застој во дијалогот, затоа што Македонија нема со кого да преговара. Според информациите од нашата страна, Грција го менува тимот и прашање е во која насока ќе се одвиваат разговорите по доаѓањето на власт на Киријакос Мицотакис и Неа демократија, чии ставови се потврди од оние на Алексис Ципрас и неговите сопартијци.

Нашите извори од македонската Комисија за учебници велат дека треба да се биде исклучително тактичен и да не се наседнува на изјавите од Атина, со цел да не се отвори ново поле на конфликт слично како она со Бугарија за Гоце Делчев. Во тој контекст се прифаќа и реториката на Спиридон Сефета, претседател на актуелната грчка Комисија за учебници, кој се пофали со одличен епилог од сработеното со македонските претставници. Македонската страна, без да се донесе заклучок со грчките колеги, не сака да ги коментира моменталните позиции во разговорите, но напоменуваат оти се поразлични од тоа што го кажува Сефета.

За потсетување, минатата недела во изјава за грчки „Етнос“, првиот човек на грчката комисија ги наброја точките во кои, според него, бил постигнат компромис.

„По дводневната битка во Скопје, беше прифатено дека како Словени немаат никаква врска со античките Македонци, дека античката македонска историја и култура се дел од античката грчка култура што имала влијание врз светската култура“, тврди Сефета.

Тој додава дека грчкиот комитет не гледа негативно на предлогот на македонската страна да се земе предвид дека дел од денешна Северна Македонија припаѓа на историска Македонија од антиката.

„За византискиот период прифатија дека Словените не го земале името Македонци од античките Македонци и дека термините Македонци и Словени не биле идентични во средниот век“, изјави Сефета. Тој заклучува дека за грчката страна не е спорно ниту во нивните учебници повеќе да се изучува за балканските народи, што било барање на македонската страна.

Во меѓувреме остануваат недореченостите околу историските прашања со Бугарија, особено за ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев. Бугарскиот премиер Бојко Борисов побара решението за Делчев да биде постигнато до октомври кога се очекува Брисел да ни даде зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија.

„Комисиите мора да постигнат компромис до октомври. Не треба да се пречекори октомври. Комисиите мора секојдневно да работат. Тоа прашање мора да се реши. Рековме дека Гоце Делчев е Бугарин кој се борел за слободата на Македонија. Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено меѓу комисиите, тогаш ние во Бугарија ќе решаваме што треба да се прави“, рече Борисов при неодамнешната посета во Скопје.

Неговото барање за вонредна средба на комисиите на двете земји експресно беше отфрлено од наша страна, бидејќи ем е техничко неизводливо, ем нема потреба за такво нешто. Преговорите со Бугарија ќе продолжат во септември. Од македонската комисија оценија оти повикот од бугарските власти личел на повик за двобој, со што се оддавал впечаток оти сме во постојана битка, а не во академски процес во кој треба да се дискутира и да се остави простор некои работи да зреат, па да се донесе решение.

„Кога е во прашање Гоце Делчев, не треба да се инсистира на неговиот идентитет, туку да се потенцира значењето што го имал тој за двата народа“, нагласува Драги Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим во комисијата.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски