Антиизборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ во Штип за време на молкот

ШТИП – Станбени објекти, поштенски сандачиња, маалски и семејни дворови, јавни простори синоќа и изутринава го преплавија Градот под Исарот со антиизборни, пропагандни материјали на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Штип. Во сите нив опозициската партија која не се охрабри за изборно соочување на предвремените избори за градоначалник на Штип кои ќе се одржат в недела, на 13 овој месец, ги „охрабрува“ штипјани во недела да не излегуваат на избори со заплашување дека на тој начин ќе си направеле голем ризик по своето здравје и по своите животи.

„Опозиционерите ова го прават во време на предизборен молк, со оваа состојба треба да се позабават надлежните органи“, ни изјави Александар Кангалов, претседател на Општинската организација на СДСМ во Штип.

На социјалните мрежи од изутрина врие од „обраќања“ на членови на опозициската партија во кои од полнолетните граѓани на Штип се бара да бидат „одговорни кон своето здравје“ и да не излегуваат на неделните избори.

На илјадниците флаери стои текст да не се излегува од дома бидејќи секој глас бил за Заев. Дека во време на пандемија Штип има 1.000 заболени дневно!? Дека изборите се параван за спас на фамилијарни бизниси…

„Биди паметен – остани дома“, пишува на објава на Фејсбук.

„Стоп за корона избори во Штип“- објавува на социјалните мрежи претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од соседната мала општина Карбинци.

„Останете дома, ќе спасите многу животи што докторот треба да ги спаси“ стои во пораката на познат вмровски активист вработен на раководна функција во јавно претрпријатие во Штип. Притоа се мисли на д-р Сашко Николов, интервентен кариолог, кандидат за градоначалник на Штип од редовите на СДСМ и коалицијата.

Интересно е дека од ВМРО-ДПМНЕ нема никаква објава ниту во печатена форма ниту на социјалните мрежи во кои се предупредува на „опасноста“ да се излезе од дома и да се гласа за некој од другите четворица кандидати. Нивен таргет е само кандидатот на СДСМ. (Н.В.)