Анталија – на листата на светски топ дестинации, миленичка на Ататурк (репортажа)


Анталија се смета за „рај на земјата“, нарекувана е бисер на Медитеранот и центар на турската ривиера. Сите овие метафори се заслужени благодарение на прекрасната природа, тиркизното море, жолтите песоци, смарагдните борови шуми кои го опшиваат градот и блиската планина Таур (Торос) која се огледа во морските води. Тука се и бројните пештери, водопади, национални паркови.

На третата и последна дестинација од нашата посета на Турција организирана од Амбасадата на Турција и Турската агенција за промоција и развој на туризмот, од Мармарис во Анталија пристигнавме по шест часа патување. Првата средба беше впечатлив панорамски поглед од видиковецот на неколку километри од влезот во градот. Во планината над видиковецот, пак ликот на Ататурк издлабен во камен и неговите зборови– Анталија е најубавото место на светот!

Сместен во Анталискиот Залив, приморскиот град има долга историја и исклучително културно и археолошко богатство. Го основал Атал Втори, кралот на Пергамон во 2 век п.н.е. за да ја осигура безбедноста на јужните и југозападните делови од своето кралство и го нарекол по себе Аталеија, од каде потекнува и денешното име Анталија. Низ историјата градот бил под владение на Римјаните, Византијците и Селџуците, а последни го освоиле Османлиите во 1391 г. За време на римскиот период за заштита околу градот биле изградени силни бедеми.

Денес брои еден милион жители, но за време на летната сезона се смета дека може да достигне бројка и до два милиона.

Покрај прекрасните бесконечни плажи од кои повеќето се прогласени за најчисти плажи на светот, медитеранското сонце над 300 дена во годината,тука се и бројни сместувачки капацитети од апартамни и хостели до ултралуксузни хотели со пет ѕвезди. Според меѓународно истражување за задоволството на клиентите спроведено меѓу 35 милиони посетители низ светот, 15 од 100 најдобри хотели во светот се наоѓаат во Анталија.

Градот е познат и по културните содржини и незаборавните забави, кафеа, ресторани, барови, но и галерии, музеи, фестивали…Од спортовите тука се застапени сите земни, водни и воздушни спортови, голф-терените, планинарењето…

Невообичаено за приморските градови, но Анталија нуди и можност за скијање. Покрај сонцето и плажите, на само 50 километри северозападно од  Анталија на час, час и половина патување од крајбрежјето се наоѓа скијачкиот центар Сакликент на Беј Планините (Беј Даглари).

Марината лоцирана под стариот град познат како Калеичи (Тврдина) е препознатлива по мноштвото јахти и бродови кои нудат еднодневни тури по највпечатливите места, пештери и плажи во Анталискиот залив.

Анталија покрај туристички е и важен економски и трговски центар во пошироката област Анталија, а главните приходи ги црпе од земјоделството. Во неговата околина се одгледува цитрусно овошје, памук, сусам…

Хадријановата порта

Античкиот град Аталија има аура на раскошна природна убавина од неговото основање. Според легендата, кралот Атал втемелителот на градот, ги испратил своите војници да му најдат место на земјата убаво како рајот, што би го посакувале сите кралеви и владетели и токму на тоа место кое ги маѓепсало со својата убавина наредил да се изгради градот.

Во подоцнежниот период градот бил посетен од многу важни историски личности, владетели и императори од Клеопатра до Хадријан. Се смета дека пристанишниот град го посетил и апосотол Павле во 48 г н.е. Во чест на посетата на римскиот император Хадријан  на градот во 130 година била изградена Хадријановата порта – денес препознатлив белег на градот.

Прекрасно декорирана со три арки и коринтски столбови портата изработена во мермер, била изградена во рамки на градските бедеми и била единствен влез во градот низ ѕидините. Неа ја крепат две кули – јужната Јулија Санкта изградена од едноставни блок камења уште за време владеењето на Хадријан и северната кула чии долни делови потекнуваат од антиката, а горниот дел е конструкција од времето на Селџуците. Низ неа поминувала главната улица која водела до пристаништето поплочена со камен, на која и денес може да се забележат длабоки траги од кочиите кои поминувале низ неа.

Портата е границата на стариот град и новиот модерен и динамичен економски центар. Плени со својата убавина и потсетува на цивилизациите кои оставиле траги во историјата на градот.

Калеичи – стариот центар на Анталија

Калеичи – стариот град или чаршијата на Анталија ќе ве пречека штом поминете под Хадријановата порта. За разлика од чаршиите во Бодрум и Мармарис кои се мали, Калеичи е многу поголема и во неа живеат локални жители. Таа е срцето на Анталија и најчесто посетуваното место. Опкружена е со ѕидови однадвор и одвнатре чии остатоци се зачувани до денес, а над ѕидините се изградени 80 кули од владетелите и освојувачите кои се менувале низ долгата историја на градот.

Во самиот стар град доминираат куќи кои се примерок на архитектурата на Османлиите. Некои од нив се стари и повеќе од 200 години, а целата област е заштитено подрачје. Низ тесните и со калдрма покриени улички туристите особено уживаат во кафулињата, рестораните и баровите. Сувенири и други локални производи може да се купат во продавничките отворени во долните делови од куќите.

Хотелите, а особено  хостелите и бутик-хотелите во кои се адаптирани дел од старите градби ќе ви овозможат да ја почувствувате атмосферата, битот на османлиското живеење – уживањето во жуборот на фонтаните и малите рајски градини во дворовите зад затворените порти.

За проектот за реставрација на Калеиџи турското Министерство за култура и туризам во 1984 година го доби оскарот за туризам – наградата „Златно јаболко“ на Светската федерација на новинари и патеписци.

На гребенот веднаш до стариот град се простира Каралиоглу, најстариот и најдобро уредниот парк во Анталија. Со своето зеленило пружа освежување од летните горештини и му дава на погледот слобода да шета по бескрајните сини води на Медитеранот.

Театарот Аспендос – ремек дело на римската архитектура

Аспендос е еден од најубавите и најдобро зачувани антички градби во светот и најдобро зачуван примерок на римски театар во Азија и Африка. Според записите, изграден е во времето на владеењето на Марко Аврелиј (161-180) од страна на архитектот Зенон. Го одликува врвна акустика со богато декорирана сцена и капацитет да прими 15.000 до 20.000 гледачи. Ова е делумно самостоечка градба која во еден дел се потпира на ридот крај кој е изградена, а во горниот дел завршува со сводести галерии.

Зградата преку која се влегува во театарот продолжила да се користи и во византискиот период и служела како место за собирање на малите христијански заедници. Во отоманскиот период зградата била претворена во карван-сарај и била важна точка на султаните кои се враќале од аџилак, а денес е музеј.

Со својата грандиозност и совршен полукруг од 180 степени денес Аспендос привлекува годишно и до 270.000 посетители. Тој е место на кое традиционално во јуни или септември се одржува Меѓународниот фестивал на опера и балет „Аспендос“. За жал поради пандемијата со ковид – 19, 27-то издание на манифестацијата годинава се одржа со ограничен број посетители, но со можност за следење онлајн.

Како резултат на мерките на Владата за „Безбеден туризам“ (капацитетот на автобусите е дозволено да биде исполнет 50 проценти, а траењето на патувањата не смее да бид подолго од два часа) намален е и бројот на туристите кои вообичаено организирано го посетуваат локалитетот, ни појаснува нашиот водич Тајлан Ташбаши.

Перга – еден од најубаво уредените антички градови

На 17 километри источно од центарот на Анталија се наоѓа античкиот град Перга. За време на хетитскиот период бил познат како Парха. Во времето на Римјаните бил еден од најубаво уредените градови во римската провинција Памфилија. Бил познат по својата архитектура, како и мермерни скулптури и статуи пронајдени за време на ископувањата.

Градот имал влезна порта која ја изградиле Римјаните, а наликувала на Хадријановата порта. Главната улица во градот ја красела колонада од столбови и монументални фонтани, пронајдени се остатоците од правоаголната агора, а имало и бањи и продавници… Перга е важна и за христијанството. Запишана е во Библијата како град кој го посетил апостолот Павле поради што се смета за свето место.

Од другите монументални градби на Перга зачувани се и театарот каде во тек се реставрациски работи и стадионот со капацитет од  12.000 седишта. Скулптурите, статуите и бројните релјефи пронајдени при ископувањата на Перга кои се неверојатно зачувани денес можат да се видат во Музејот на Анталија и токму тие го вбројуваат во еден од музеите со најбогата колекција на статуи од античкиот период во светот.

Поставените содржини и артефакти се хронолошки изложени. Покрај салата со скулптури на императори и митски богови, каде може да се види и скулптура на Александар Велики, има и дел со саркофази, како и икони, накит, се до нумизматичка збирка на ковани пари од селџучкиот и отоманскиот период.

Спомен куќата на Кемал Ататурк

За време на својот живот таткото на модерна Турција Кемал Ататурк три пати ја посетил Анталија. Првиот пат во 1930 година и тогаш изјавил „Без сомнение, Анталија е најубавото место на земјата“. Во сеќавање на големиот вљубеник во Анталија големата куќа во која престојувал за време на неговите посети од 1986 година е претворена во спомен – куќа. Во двокатната куќа лоцирана близу стариот град, на работ од паркот Каралиоглу, може да се видат фотографии од неговите посети на градот, соба со лични предмети на Ататурк, како и спомен монети и банкноти.

Ова се само дел од разновидните и богати содржини кои пошироката област Анталија со морски брег долг 640 километри изрезбарен со мали и големи заливи како тантела, ги нуди на туристите и вљубениците во историјата и археолгијата, и без да ги посетите не би смееле да ја напуштите медитеранската убавица. А наше последно одредиште беше водопадот Дудан, пред да се збогуваме со Анталија и нашите љубезни домаќини.