Анонимни граѓани ја посадиле тревата на плоштадот, Градот немал право


Просторот на плоштад Македонија каде требаше да никне објектот „Шпански скали“ и натаму ќе остане јавен простор, тврди градонаќалникот Петре Шилегов, а вели дека тревата е посадена од анонимни граѓани.

Оваа парцела, која до пред некој ден беше ископана и со земја, сега е убаво уреден тревник околу кој има пашачки патеки со клупи за седење и дрворед од 22 нови повеќегодишни дрвја, смета градоначалникот.

На површина од 5.000 квадратни метри и инвестиција од 33  милиони денари е уреден просторот во центарот на Скопје, на потегот од плоштадот кон влезот во Градскиот трговски центар.

– Градот немаше право да го затревни овој простор, туку тоа е направено од совесни граѓани кои сакаа да помогнат и да останат анонимни. Значи, Градот тука нема инвестирано јавни пари – рече Шилегов.

Тој додава дека нема да дозволи на оваа парцела која има приватен сопственик кој во 2012 година го купил земјиштето од државата во нелегална постапка и за која се води спор, да никне барокна 20-метарска висококатница која ќе го затвори плоштадот.

– Додека јас и градоначалникот на општина Центар сме на овие функции, нема да дозволиме јавниот простор да стане луда барокна градба. Скопје е единствениот град во светот каде плоштадот е продаден. Очекувам јавното обвинителство да си ја врши работата, а јас ќе ја водам оваа борба се додека оваа парцела не стане повторно јавен простор – нагласи Шилегов.

Барокниот објект со Шпанските скали што требаше да се гради на плоштад

Дека овој простор повторно ќе стане сопственост на градот, според Шилегов ганација е фактот што земјиштето што го купила „Амадеус груп“ никогаш не му било предадено во владение.

– Само нека се обидат да го оградат просторот, ќе видат што ќе ги снајде – додаде Шилегов.

Тој очекува по судската разврска за овој случај во која осомничени се 11 лица од претходната власт, парите да му бидат вратени на инвеститорот „Амадеус груп“ од државниот буџет. Дотогаш, парцелата ќе остане со трева, како што е сега.

За новиот простор рече дека заедно со зелениот покрив на ГТЦ претставува нов стандард за изглед на јавниот простор во главниот град. Соопшти дека се употребени три вида плочки, а просторот е дополнет со клупи и засадени 22 повеќегодишни дрвја. Првпат има и патека за движење на лица со оштетен вид.

Во тревникот е плочата на местото каде што била куќата во која е родена Мајка Тереза, а во близина се и три елки кои нобеловката ги засадила во 1980 година при посетата на Скопје, заедно со тогашниот скопски градоначалник и бискуп на Католичката црква.

Во однос на реакцијата на Институтот за духовно и културно  наследство на Албанците од каде вчера побараа да се овозможи пристап до спомен-плочата за Мајка Тереза, Шилегов одговори дека  Градот нема право да инвестира и, како што рече, да троши јавни пари за приватна парцела. Повтори дека во уредувањето на просторот што денеска го промовираше Градот нема инвестирано јавни средства.

– Како што кажав и вчера, ме интересира зошто некој дозволил местото каде што била куќата на Мајка Тереза да биде продадено. Зошто не ја спречил продажбата кога тогаш, веројатно, имал и влијание и моќ. Треба да се реагира на двојните критериуми во нашето опшстетво. Во политиката сум седум години и немам видено реакција, вклучително и од Институтот, дека бил против или ја стопирал продажбата каде што е местото на куќата на Мајка Тереза, додаде Шилегов.