Анкетите велат дека Борисов ќе победи на изборите во Бугарија
Последните истражувања покажуваат дека партијата на премиерот ја зголемила разликата во однос на главниот конкурент, социјалистите
(Од нашиот дописник) Јовка Димитрова
СОФИЈА – Партијата на премиерот Бојко Борисов води убедливо, според анкетите, на претстојните парламентарни избори во недела (4 април).
Според истражувањето на агенцијата „Галуп-Балкан“, објавена во петокот, партијата ГЕРБ, предводена од Борисов, има преференции на 28,2% од гласачите, а зад неа значително заостанува Социјалистичката партија (БСП) со 20,8%. Податоците се потврдени со анкетата на истражувачката агенција „Алфа рисрч“ објавена на 1 април, според која водството на ГЕРБ пред БСП меѓу оние кои цврсто решиле да гласаат на парламентарните избори е веќе 8,3 проценти.
Борјана Димитрова, менаџер на „Алфа рисрч“, посочи две причини за зголемувањето на водството на ГЕРБ. Според неа, значителен дел од гласачкото тело на Социјалистичката партија се стари лица кои се меѓу најтешко погодените од кризата со корона вирусот. Тоа може да ги натера да се откажат од гласање, при што БСП ќе освои само 19,8 отсто од гласовите. Покрај тоа, протестните формации како „Исправи се! Мутри надвор“ успеаја да украдат дел од протестните гласови, што традиционално ги зема БСП.
Социолозите очекуваат неизвесна битка за третото место помеѓу партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов и ДПС, за која гласаат многу бугарски муслимани.
Според „Галуп-Балкан“, вкупно 7 партии можат да влезат во парламентот, а „Алфа Рисрч“ предвидува дека ВМРО нема да успее да ја надмине влезната бариера.
Две од партиите околу антивладините протести минатото лето – Демократска Бугарија (6,1%) и сојузот „Исправи се! Мутри, надвор!“ со 5,2 проценти имаат шанса да влезат во парламентот ако успеат да ги мобилизираат своите приврзаници.
„Галуп-Балкан“ му дава шанса за успех на ВМРО на Красимир Каракачанов, кој има поддршка од 4,4% што е малку над прагот од 4 отсто за влез во бугарскиот парламент. „Алфа рисрч“ смета дека ВМРО нема да успее.
Сè ќе зависи од одѕивот. Досега, социолозите не сметаа на повеќе од 40 проценти од избирачите со право на глас, но изненадувања се можни поради големата распространетост на епидемијата на корона вирусот во последните неколку недели. Можно е луѓето што планирале да гласаат да се плашат да не бидат заразени и да не стигнат до гласачката кутија, што ќе им даде предност на големите партии, а некои од помалите нема да можат да ја преминат бариерата за парламентот. Според анкетата на „Алфа рисрч“, 25 отсто од гласачите сѐ уште се двоумат за кого да гласаат.
Според извршниот директор на „Галуп“, Парван Симеонов, обидите за формирање влада по изборите ќе бидат поинтересни од самата изборна кампања, која беше ограничена со анти-епидемиски мерки.
Во обраќањето пред изборите, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека мандатот на третата влада на Борисов е обележан со скандали, протести и економска криза. Радев ги повика гласачите да изберат нови луѓе со нови идеи кои можат да ја вратат довербата во институциите.
Борисов одговори со обвинување кон претседателот за закажување на изборите пред доволно луѓе да бидат вакцинирани против корона вирусот и прерано за владата добро да ги организира изборите. За прв пат во Бугарија гласањето ќе се одвива истовремено со хартиени гласачки ливчиња и машини. Апаратите за гласање пристигнаа во последен момент и повеќето локални изборни комисии нема да можат да ги видат пред денот на изборите во недела. Гласачите исто така не знаат како да гласаат со нив, бидејќи информативната кампања организирана од ЦИК беше повеќе од скромна и многу кратка.
На 4 април, гласачите се повикуваат да избера 240 членови на бугарскиот парламент за четиригодишен мандат. По објавувањето на официјалните резултати, претседателот мора да даде мандат за составување влада на партијата што освои најмногу гласови. Доколку не успее, мандат добиваат уште две партии. Во случај на неуспех, мора да бидат закажани нови избори. Во 2021 година Бугарите ќе изберат нов претседател. Ова ќе се случи на есен, а сегашниот претседател Радев веќе најави дека ќе се кандидира за реизбор.