Анкета за проблемот со бездомните кучиња


Со цел добивање основни информации за проблематиката на популацијата со бездомни кучиња, студентите при Факултет за ветеринарна медицина – Скопје и Центарот за благосостојба на животните под менторство на професорите Влатко Илиески, Пламен Тројачанец и Владимир Петков спроведуваат истражување и анкета наменета за жителите на град Скопје.

Целта на истражувањето, како што наведуваат во соопштение, е да се добијат податоци за ставот и навиките на граѓаните, на кои начини влијаат уличните кучиња врз секојдневниот живот, изворот на храна и вид на однесување кое се јавува кај оваа популација.

-Опстојувањето на популација на бездомни кучиња во град Скопје претставува вистински проблем за жителите, сопствениците на миленици, како и за туристите. Резултатите од истражувањето ќе придонесат кон утврдување на идните насоки во развој, подобрување и менаџмент на популацијата на бездомни кучиња. Со пополнување на оваа анкета, се гарантира правото на анонимност. Одговорите ќе се анализираат и презентираат исклучиво на група и ќе послужат исклучиво за научно-истражувачки цели, се појаснува во соопштението.

Анкетата е и дел од активностите кои ги спроведува Центарот за благосостојба на животните со цел проценка и следење на вкупниот број на бездомни кучиња на јавните површини во Скопје.