Анкета во Бугарија: Во следниот парламент нема да влезе Слави Трифонов


 

ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промената на Кирил Петков се убедливо најсилните политички формации во најновото истражување на агенцијата „Алфа рисрч“ во Бугарија.

Наспроти преходните анкети, проруската партија Преродба доживува пад во поддршката, а Има таков народ на Слави Трифонов е под прагот за влез во парламентот. Новата партијата што ќе влезе во парламентот е уште една проруска сила, Бугарски подем на Стефан Јанев.

Според оваа анкета, ГЕРБ има поддршка од 21,5 отсто (речиси исто како во април), а Продолжуваме со промената 20,5 отсто (два процентни поени повеќе од април). На трето место е БСП 11,5, па ДПС со 8,8 проценти. Во парламентот би влегле седум партии – уште Преродба со 7,9, Демократска Бугарија со 7,1 и Бугарски подем со 5,4. Има таков народ, кој лани на два пати победи на избори, сега има поддршка од само 3,3 отсто, а прагот за влез во парламентот е 4 отсто.

Ненадејното повлекување на министрите од Има таков народ од Слави Трифонов и последователно соборување на претседателот на парламентот Никола Минчев, изгласување недоверба на владата, протестите за одбрана на владата, отстранување на ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, протерување на 70 дипломати и вработени во руската амбасада, Асен Василев како кандидат за премиер  е контекстот што агенцијата „Алфа рисрч“ го наведува како влијание врз расположението на гласачите во анкетата направена меѓу 25 јуни и 1 јули.

Другите податоци што ги презентираше агенцијата покажаа дека претседателот Румен Радев е најпопуларен политичар, иако неговиот рејтинг падна за 8 поени на 43% во јуни.