Анкета во Бугарија: Само 19 отсто сакаат да остане сегашниот состав на владата со Борисов и Каракачанов


Поранешниот премиер и вицепремиер: Бојко Борисов и Красимир Каракачанов

Според последната анкета на агенцијата „Медијана“ двете најголеми партии во Бугарија, ГЕРБ и Бугарската социјалистичка партија (БСП) се во виртуелна мртва трка пред следните парламентарни избори што би требало да се одржат на 28 март следната година. На прашањето на анкетарите на „Медијана“, за кого би гласале ако денеска има избори, БСП имала поддршка од 19,7 а  ГЕРБ од 18,5 отсто. Иако разликата во корист на социјалистите е 1,2 отсто, таа влегува во рамките на статистичката грешка.

Дури 52 проценти сакаат во Бугарија да има нова влада без учество на ГЕРБ, а само 19 проценти се за останување на сегашниот кабиент во кој се партиите на Бојко Борисов и Красимир Каракачанов. Според анализата на „Медијана“ оваа промена на расположението послабо се рефлектира спрема БСП, туку повеќе кон партијата Има таков народ на десничарскиот популист, шоуменот и пејач Слави Трифонов. Според оваа анкета, Трифонов има поддршка од 13 проценти од анкетираните. Интересно е што од оние што сакаат промена голем процент, 42 отсто, уште не знаат за кого би гласале.

Во оваа анкета коалицијата Обединети патриоти на вицепремиерот Каракачанов има поддршка од 3,6 отсто, што е малку под прагот за влез во парламентот. Партијата на Турците, ДПС, има поддршка од 8,3 отсто. Уште една партија, Исправи се.бг на поренашната функционерка на БСП, Маја Манолова, има шанси да влезе во парламентот, таа има поддршка од 3,7 проценти. Манолова е еден од најпопуларните политичари во Бугарија, поранешен омбудсман и потпретседател на собранието и за малку лани ги загуби изборите за градоначалник на Софија во вториот круг, иако главниот град важи за гласачка тврдина на десницата и крајнодесничарските популисти. Манолова својата партија ја проектираше како „граѓанска платформа“.

Анкетата е направена од 12 до 17 декември на стандарден примерок од 954 лица.

Познатиот пресек на анкетите на бриселски „Политико“ дава слични резултати само што таму предноста е за ГЕРБ, 28 наспроти 25 за БСП. Партијата на Слави Трифонов исто има 13 отсто поддршка, додека коалицијата на Каракачанов е на 5 отсто, иако пред еден месец нејзината популарност поради антимакедонската реторика се искачи на девет проценти. Партијата на Турците е на 10 отсто поддршка.

На последните избори во 2017 година ГЕРБ освои 32,7, БСП 27,2 и Обединети патриоти 9,1 отсто од гласовите.

Политичкиот научник Евгениј Дајнов, денеска за телевизијата бТВ изјави дека политичкиот дух во Бугарија се преобратил против премиерот Бојко Борисов. Иако антивладините протести не успеаја во главната цел – оставка на владата и јавниот обвинител, тие го мобилизираа граѓанството, рече Дајнов.

Според него незадоволството ги преуредило политичкиот систем и политичката мапа на мислата во Бугарија.

„Покрај овие кризи и македонската хистерија што ја ослободува нашата сакана влада, дозволувам сè. Бојко Борисов не би требало да може да победи на изборите. Ако тие почнат друга таква приказна како ‘Македонија е наша’, тогаш немам претстава“, додаде Дајнов. 

Според него, постои резервна опција за влада, а таа е ГЕРБ да остане на власт, но без Бојко Борисов како премиер. „Но таа нема да функционира без Борисов“, вели Дајнов. (Н.В.)