Анкета во Бугарија: Партиите на Борисов и Трифонов речиси изедначени
Доколку сега се одржат изборите во Бугарија во новиот парламент повторно би влегле истите партии што беа во распуштеното собрание, со тоа што постои можност главните националистички партии да го поминат прагот откако се согласија за коалиција.
Според анкетата на агенцијата „Алфа рисрч“, како што објавуваат бугарските медиуми, разликата меѓу ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов се намали на два отсто: поддршката за ГЕРБ изнесува 20,3, а на ИТН 18,2 отсто. Бугарската социјалистичка партија (БСП) останува трета со 14,4 отсто, Демократска Бугарија со 11,9 проценти. Зад нив како петта е партијата на етничките Турци со поддршка од 9,9 и Исправи се! Мутри надвор со 5,3 отсто. Патриотската коалиција на ВМРО, НФСБ и Волја засега има поддршка од 3,4 отсто, но од „Алфа рисрч“ нагласуваат дека таа сепак може да ја помине 4-процентната граница. Анкетата е направена во периодот од 30 мај до 7 јуни на примерок од 1.007 возрасни граѓани преку директно стандардизирано интервју.
Според анализата на „Алфа рисрч“, по објавувањето на санкциите на САД против шестмина поранешни функционери, поддршката за ГЕРБ се намалила за 2 процентни поени, што е голем пад за толку краток период. Поранешните власти ги губат своите позиции не само во Софија, туку и во регионалните градови. „Нивните тврдокорни поддржувачи се силно мобилизирани, но поширокото гласачко тело што им го давало гласот може да не излезе на избори“, се вели во анализата на агенцијата.
Интересно е што претставниците на Има таков народ ги снема од јавните дебати во моментот кога има најголем интерес за тоа особено по силниот потрес во општеството што настана по објавувањето на американските санкции, па затоа растот на партијата на Трифонов е само еден отсто.
Демократска Бугарија ги зајакнува и подобрува своите позиции, достигнувајќи 11,9% од оние што одлучиле да гласаат. По санкциите на САД и поддршката за решителните антикорупциски политики, Демократска Бугарија консолидираше дополнителна поддршка и го проширува своето влијание во регионалните центри и особено кај луѓето со високо образование.
Интересно е дека националистичките партии – коалицијата околу ВМРО и уште четири други си „крадат гласови еден од друг“, како што анализира „Алфа рисрч“, но можеби ќе одземат гласачи од БСП или од протестните партии.