Анкета во Бугарија: Недовербата спрема Радев за прв пат е поголема од довербата
Дури 85 отсто од анкетираните сметаат дека земјата оди во негативен правец
Во Бугарија се случуваат промени во односот спрема политичарите: за прв пат се забележува дека има повисок степен на недоверба кон претседателот Румен радев отколку доверба. Ова го покажуваат податоците од новото национално истражување на „Маркет линкс“ на бТВ во анкетата спроведена од 10 до 20 декември 2022.
„Со текот на годините, тој (претседателот) уживаше доверба од околу 55%. Сега 40 отсто од анкетираните имаат доверба во претседателот Румен Радев, а 41 отсто немаат“, вели социологот Добромир Живков за бугарските медиуми.
Во моментов, владата, а особено привремениот премиер, остануваат во сенка, главниот фокус е на политичките лидери, а за сите нив има пад во последните месеци, додаде анкетарот.
Интересно е што 51% сметаат дека политичката одговорност за неуспехот на ова Народно собрание да гласа за редовен кабинет ќе ја имаат сите политички сили, вклучително и претседателот. 14% сметаат дека одговорноста би била кај ГЕРБ, а 6% кај „Продолжуваме со промената“.
Според Живков, сите очекувања на јавноста се поврзани со тоа дали ќе има редовен кабинет.
„Гледаме голем пад на задоволството од развојот на земјата. Околу 10% сметаат дека земјата се развива во позитивна насока, додека близу 85% сметаат дека земјата оди во негативна насока. Тоа се историски најниски нивоа на мерење на овој индикатор“, додаде тој.
Според анкетираните, на предвремените избори прва политичка сила би била ГЕРБ, втора е „Продолжуваме со промената“, трета е ДПС, четврта е Преродба, а потоа БСП, Демократска Бугарија, Бугарски подем и Има таков народ.
Но Бугарски подем на поранешниот службен премиер Стефан Јанев останува под бариерата од 4 отсто со 2,6 отсто. Под прагот останува и формацијата на шоуменот Слави Трифонов – Има таков народ.