Анкета во Бугарија: Мртва трка меѓу ГЕРБ и социјалистите, Каракачанов не влегува во собранието


Според анкетата на агенцијата „Тренд“ за поддршката на политичките партии во Бугарија објавена денеска, партијата на премиерот Бојко Борисов ГЕРБ и Бугарската социјалистичка партија се практично изедначени. ГЕРБ има поддршка од 24,1, а БСП од 23,6 отсто од анкетираните. Овие резултати покажуваат дека ГЕРБ ја запрел ерозијата на поддршката и таа се зголемила за помалку од еден процент, што сепак е во рамките на статистичката грешка.

Редовините избори се закажани за март 2021 година, но според анкетата доколку изборите би се одржеле денеска, во парламентот би влегле пет партии. По ГЕРБ и социјалистите, најголема поддршка има партијата Има таков народ на познатиот музичар и десничарски популист Слави Трифунов, со 15,9 отсто; партијата на Турците, ДПС има 10,2 проценти и Демократска Бугарија на поранешниот министер за правда, Христо Иванов (кој го откри скандалот со плажите на Црното Море) со 8,8 проценти.

Другите партии засега немаат шанси да влезат во Националното собрание, а меѓу нив е коалицијата на ВМРО на Красимир Каракачанов, која има поддршка од 3,8 проценти од анкетираните.

Анкетата е направена во почетокот на октомври по нарачка на весникот „24 часа“.