Анкета во Бугарија: Коалицијата на Кирил Петков води пред ГЕРБ на Борисов


Илустрација „Дневник“

 

Коалицијата на Кирил Петков и Христо Иванов, „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ води на последната анкета што денеска ја објави агенцијата „Алфа рисрч“ околу изборите на 2 април. Според анкетата, оваа коалиција има поддршка од 26,4 отсто, додека веднаш зад неа е ГЕРБ со 25,2 отсто од оние кои изразиле подготвеност да гласаат. Студијата на „Алфа рисрч“ пред стартот на изборната кампања донесува разочарувачки податок за политичките елити. Поради неможноста на партиите да состават стабилна влада и неверувањето дека дека тоа може да се случи и по следните избори, граѓаните се демотивирани да излезат на гласање. Така, само 39 отсто од Бугарите покажуваат подготвеност да гласаат. Оние што се сигурни дека ќе гласаат се само во најпосветените поддржувачи на партиите, додека огромниот дел од граѓаните се во состојба на голема апатија.

ПП-ДБ засега ја ужива поддршката од најмотивираните поддржувачи на двете партии и би можеле да ја подобрат својата позиција доколку успеат да привлечат помлади и понезаинтересирани гласачи за време на кампањата. ГЕРБ има проблем да ги анимира своите поддржувачи.

На третото место во анкетата е турската партија ДПС со поддршка од 13, 2 отсто, четврта е Преродба со 11,3, додека бугарските социјалисти од БСП забележуваат ново намалување на наколнетоста – спаднаа на 7,4 проценти. Бугарски подем е под прагот за влез во парламентот со 3,8 отсто, додека кон границата се приближува новата партија – Левица, со 3,6 проценти. Според „Алфа рисрч“ новото одлевање на гласовите на БСП е главно кон Левица, но и кон Бугарски подем. Има таков народ е подолу во анкетата со 3,2 отсто поддршка.

Решението за политичката криза нема да дојде од гласачите, туку од способноста на партиските лидери да ги убедат во исправноста на нивните следни постапки, се вели во истражувањето на „Алфа рисрч“.