Анкета во Бугарија: ГЕРБ и коалицијата ПП-ДБ израмнети пред почетокот од кампањата


 

Пред официјалниот почеток на изборната кампања во Бугарија на речиси иста стартна позиција се наоѓаат ГЕРБ и коалицијата меѓу Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија. Ова го покажува студијата на Истражувачкиот центар „Тренд“ нарачана од весникот „24 Часа“.

Има мала разлика меѓу оние кои се решени да гласаат. Партијата на Бојко Борисов ужива поддршка од 25,6 отсто од гласачите, додека сојузот ПП-ДБ има 24,8 отсто

Анкетата на „Тренд“ покажува дека новата коалиција успеала да го собере електоратот од двете формации и како резултат на обединувањето не е забележан одлив. Засега нема знаци за некаков бонус од него.

Но важно е дека резултатите од анкетата не ја земаат предвид втората листа на санкционирани лица според законот „Магнитски“, што САД ја објавија на 10 февруари. На врвот од таа листа е поранешен министер за финансии во владата на ГЕРБ и близок сојузник на Борисов.

Шанса да влезат во следниот парламент имаат вкупно шест партии.

Третото место останува за ДПС со 12,8 отсто. Преродба има 11,9 отсто меѓу гласачите, а петта е БСП со 8,9 отсто од оние кои решиле да гласаат.

Реалните шанси да влезе во парламентот има Бугарски подем која има 4 отсто поддршка, а изборната кампања ќе биде пресудна за партијата на Стефан Јанев. Со над 3 отсто поддршка останува Има таков народ, но засега се чини дека партијата на Слави Трифонов нема да влезе во парламентот.